Владата ги презема сите чекори за ставање во функција на продуктоводот, кој со години не е во функција, истакна премиерот Христијан Мицкоски. Преку продуктоводот, јужна Србија би можела да се снабдува со нафтени деривати.
Премиерот посочи дека, како Влада, ја разгледуваат секоја можност, но, како што вели, „ние, како Влада, не сме акционерско друштво за да ја снабдуваме јужна Србија или другите земји во регионот“.
– Тоа го прават приватни компании, кои водат бизнис. Ние, како држава, ги спроведуваме сите чекори тој продуктовод, кој беше уништуван долги години и беше конзервиран, да биде ставен во функција. Траат испитувањата, мислам дека е веќе завршено. Треба да почнат пробите на притисокот, ако веќе не се почнати. Знам, на Влада помина и ценовникот. Така што очекувам оваа година тој продуктовод да биде ставен во функција – изјави Мицкоски.
Тој посочи дека по ставањето во функција на продуктоводот од Солун до Скопје, компаниите се тие што ќе го користат доколку имаат интерес, бидејќи Владата не може да го води бизнисот на сметка на приватните компании или на акционерските друштва.












