Градот Скопјe продолжува со третата фаза на градежните работи на главниот цевковод на булеварот „Александар Македонски“, што опфаќа изградба на подземната инфраструктура, дел од големиот проект булевар „Хрватска“.
-Овој клучен инфраструктурен проект претставува значаен напредок во подобрувањето на системот за водоснабдување на градот. Со реализација на овој проект се формира клучен сегмент од големиот прстен од главни цевководи што ја опслужуваат ниската зона во населеното место Ченто. Со имплементацијата се овозможува подобрување на условите за водоснабдување на секундарната улична мрежа и претставува основен чекор кон оптимизирање на идната функционалност на високата зона – соопштија од Град Скопје.
Увид во работата на терен изврши тимот од Секторот за технички работи и развој, заедно со директорот на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Тони Миновски.
До денес, успешно се изградени 70% од оваа фаза на проектот, а овој напредок ја нагласува посветеноста на градот и јавното претпријатие за унапредување на инфраструктурните проекти кои директно придонесуваат за подобрување на квалитетот на животот на сите жители.
-Завршувањето на овој проект не само што ќе ги подобри постојните системи за водоснабдување, туку ќе постави и основа за идни подобрувања на капацитетите на градот за управување со водите – децидни се градските власти.