– Не очекувам Обвинителството да влезе во Општина Чаир. И да влезат, ќе речат дека не нашле ништо, бидејќи сѐ е избришано. Но в понеделник ќе дојдеме со 150 документи, бидејќи до понеделник не може толку да избришат. Тука ги чекавме – изјави Арсовска пред да достави докази во Основното јавно обвинителство (OJO) во врска со легализирани дивоградби во Општина Чаир
Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, утре ќе ги достави до Основното јавно обвинителство сите 150 случаи со документи, како доказ за дивоградби во Чаир. Во саботата, таа достави дел од нив што се однесуваат на дивоградбата за која градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, тврдеше дека била изградена во 2011 година, а со сателитски снимки направени на 29 мај 2025 година и во 2023 година, таа го докажа спротивното. Имено, како што истакна скопската градоначалничка, на сателитската снимка направена во 2023 година ја нема дивоградбата за која Ганиу тврдеше дека е изградена во 2011 година, додека на онаа од 29 мај 2025 година таа постои.
Таа истакна пред Обвинителството дека откако на 27 мај алармирале на терен за дивоградбата што ја запишал градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, врз база на фалсификати, еден час подоцна тој изготвил решение за поништување на сопственото решение и го поднесол во Катастарот за недвижности за да го избрише случајот и за да може подоцна да ја уништи целата документација.
– Доказ дека има направено кривично дело е тоа што го направи во изминатите денови. Да појаснам, на 27 мај, откако излеговме на терен да алармираме за дивоградбата што ја запишал базирана на фалсификати, еден час по нашето јавно излегување, додека сè уште бевме на терен и го чекавме Висар Ганиу да дојде и да ни ја презентира документација врз која го извршил тоа запишување, тој направил решение за поништување на сопственото решение и го поднесол до Катастарот за недвижнини за да го избрише случајот и за да може понатаму да ја уништи целата документација. Веднаш, по еден ден, односно по помалку од 24 часа од приемот на документацијата во Катастарот на недвижности во Град Скопје, Катастарот знаеше дека се неверодостојни – рече Арсовска.
Таа додаде оти не очекува Обвинителството да влезе во Општина Чаир.
– И да влезат, ќе речат дека не нашле ништо, бидејќи сѐ е избришано. Но, во понеделник ќе дојдеме со 150 документи, бидејќи до понеделник не може толку да избришат. Тука ги чекавме – изјави Арсовска.
Таа достави дел од доказите до Основното јавно обвинителство откако претходно институцијата ја повика да го направи тоа.
Арсовска, преку ново видеообраќање викендов, на социјалните мрежи, изнесе нови, сериозни обвинувања за институционална одмазда, прикривање криминал и за директна заштита на урбаната мафија. Повод беше интервенцијата на Финансиската полиција, чии претставници, без службена покана, се појавиле на домашната адреса на раководителката на Секторот за уредување и планирање на Град Скопје, Ивана Бојкова-Шаља, со барање да се јави во институцијата за наводен предмет од пред неколку години. Овој потег доаѓа веднаш по нејзината јавна изјава со која ги појасни опасностите од дивоградбите и го критикуваше системското толерирање на урбанистичкиот криминал.
– Зошто не испративте покана службено? Како ја најдовте Ивана прекуноќ, а не можете да најдете ниту еден од оние што фалсификуваат дозволи и градежни документи? Зошто Ивана? Затоа што кажа дека градите гробници место станови? – праша Арсовска директно од пред седиштето на Финансиската полиција.
Според неа, цели 10 дена градските служби водат институционална битка против организиран криминал поврзан со над 150 дивоградби, нелегално издадени дозволи и милионски злоупотреби, без никаква реакција од Обвинителството, полицијата, ниту од било која надлежна институција.
– Цела држава молчи. Сите знаат, ама сите молчат, затоа што Висар Ганиу и Изет Меџити се вашите заштитени играчи – порача Арсовска, директно обвинувајќи ја Владата дека е соучесник во прикривањето на урбанистичкиот криминал, кој го доведува во прашање животот на граѓаните.
Дополнително, таа посочи дека додека таа и нејзиниот тим чекале службено да разговараат со претставник на Финансиската полиција, добиле информација дека заменик- директорот на институцијата заминал на одмор.
– Срамота! Додека ги викате на испитување жените што се борат со мафијата, вториот човек во Финансиска оди на одмор. Ова е слика за распадната држава, од штедилници, преку градежни компании, до врвот на финансиската истрага – сè е исто друштво – истакна Арсовска.
Ганиу, пак, во својата јавна реакција истакнува дека тројката Апасиев – Арсовска – Беџети го држи Скопје во заложништво и ја казнува Општина Чаир, каде што живее албанско мнозинство, кое, според него, не прифаќа политичко потчинување, туку бара достоинство и еднаквост.
– Четири години без инвестиции. Ниту паркови, ниту улици, ниту почит. Само ароганција и институционална дискриминација. Во меѓувреме, Град Скопје има собрано над 18 милиони евра од даноците на граѓаните на Чаир и не вратил ништо за возврат – нагласува Ганиу во својата изјава.
Тој додава дека ДУИ и Левица станале соучесници во молкот за неправдите и во казнувањето на Албанците во Чаир.
– Јас ќе продолжам да зборувам, да барам правда, да се борам за моите сограѓани. А ти, Апасиев, остани во друштво со Блерим Беџети и со Данела Арсовска, совршено трио за заборав – заклучи Ганиу.
На 21 мај, со вклучување во живо на „Фејсбук“, градоначалничката Арсовска шеташе со екипи од Град Скопје низ Општина Чаир и објави дека на неколку локации во Чаир се гради без добиена градежна дозвола. Вчера го обвини градоначалникот Висар Ганиу дека со фалсификувани документи легализирал 10-катница во Чаир и ја впишал во Катастарот. Арсовска рече дека Ганиу на криминален начин, во Чаир, легализирал згради и ги впишувал во Катастарот.
– Си извршил легализации спротивно на закон, да објасниш како си ги впишал во Катастарот, а од Град Скопје сите твои барања се одбиени. Ти си поднесувал фалсификувани одобренија од Град Скопје до Катастарот, криминалецу, кој цело време ми се закануваш. Во ниту една скопска општина нема ниту една ваква дивоградба, само Чаир вака си легализира со фалсификувани документи. Ти се крадец и „криминалчуга“. Дојди на главна каса, те чекам! Велиш оваа зграда била изградена во 2011 година во фалсификуваните документи, а таа уште се гради – изјави тогаш Арсовска.
Премиерот Христијан Мицкоски, во врска со наводите на скопската градоначалничка за дивоградби во Чаир, го охрабри Обвинителството да постапува по пријавите од неа, а во врска со заканите за кои се пожали таа дека ги добивала, да пријави во Министерството за внатрешни работи, а тоа да постапи по нив.
СДСМ: Катастарот ги избришал претходно впишаните нелегални „легализации“ за над 150 дивоградби во Чаир
Координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, вчера обвини дека Катастарот за недвижности донел решение со кое ги избришал претходно впишаните нелегални „легализации“ за над 150 дивоградби во Чаир, за кои од јавноста се дозна дека биле впишани во Катастарот врз основа на фалсификувани документи.
– За да биде ситуацијата уште потрагична, Општина Чаир носи документ дека на локацијата каде што е изградена зградата била предвидена изградба на улица, но и покрај тоа, на тоа место се изградила зграда. Ова решение на Општина Чаир потоа исчезнало во општинските лавиринти – истакна Јанчева.
Во името на СДСМ, таа побара институционална разврска за овој, како што нарече, мегаскандал и најави дека, како советничка група, поднеле барање за свикување седница на Советот на Град Скопје.
(А.П.)