Продолжува навремената и неселективна исплата на субвенциите

237

За една година, Владата исплатила над 9 милијарди денари заостанати и тековни субвенции за сите категории земјоделци. Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од откупната цена на пролетната зелка и на доматите и од растот на извозот.

– Во делот на исплатата на субвенции во сточарството, опфатени се повеќе од 4.100 сточари. Ним им се исплатени околу 350 милиони денари. Земјоделците остануваат главен приоритет на Владата. Исплата на стари долгови и нов пристап кон субвенционирањето – информираше премиерот Мицкоски.

Тој истакна дека од почетокот на годинава се исплатени 9 милијарди денари. Оваа сума не е само за тековната година. Тоа се и стари долгови од 2021, 2022 и од 2023 година.

– Продолжуваме со ребалансот. Сакаме да го фатиме редот, да нема долгови и покрај тоа што мораме да враќаме долгови од 2021 година – изјави Мицкоски.

Премиерот потенцира дека има и добри резултати во однос на откупните цени и на извозот во првите четири месеци.

– Земјоделците ја хранат Македонија и остварија исклучително добри резултати и во извозот. Се радувам за историски највисоката откупна цена на пролетната зелка. Сега слушам дека е добра и откупната цена на доматите. Генерално, не сме максимално задоволни, но одиме кон тоа ниво – посочи Мицкоски.

Од Владата информираат дека ќе продолжи навремената и неселективна исплата на субвенциите.

– Со ова, директно ги помагаме земјоделците и го поттикнуваме растот на земјоделското производство, сѐ со цел да се подготват за следната година, а не како претходно, кога, поради неисплатени субвенции и доцнење, имавме пад на земјоделското производство – соопштуваат од Владата.

Оттаму додаваат дека државата претрпува трансформација, при што земјоделството е клучен елемент за економски прогрес и еволуција на државата.

Ова го потврди и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој рече дека со последната исплата кон одгледувачите на крави, кога се исплатија над 340 милиони денари, доаѓаме до вкупен број исплатени заостанати и тековни обврски од над 9 милијарди денари.

– Тоа е сериозна сума пари со која праќаме јасен сигнал за приоритетите во земјоделскиот сектор. До крајот на месецов ќе следуваат и дугите исплати, кои се наоѓаат во трезорот на Министерството за финансии. Продолжуваме со посветеноста и со навремената исплата на субвенциите кон земјоделците – изјави министерот Трипуновски.

ИЗДВОЕНИ