Собраниската Комисија за финансирање и буџет ќе ја продолжи амандманската расправа за предлог-буџетот за 2026 година, утре во 12:00 часот.
Во изминатите четири дена амандманска расправа, фокусот беше ставен на барањата за обезбедување средства за решавање инфраструктурни и комунални проблеми во општините. Сепак, ниту еден од предложените амандмани не доби поддршка и не беше усвоен.
Министерката за финансии го оцени предлог-буџетот како реален, развоен и дека секоја ставка е многу внимателно проектирана.
– Со колегите во Министерството за финансии успеавме да извадиме еден максимум во смисла на проектирање поединечен буџет на секоја институција, а при тоа имајќи предвид дека мора да имаме развоен буџет, мора да имаме фискална консолидација, но истовремено да ги погледнеме и обврските што ги има секоја од институциите, кои се евидентирани во системот на МФ, да ги земеме предвид и да ги вклопиме приоритетите на Владата – вели министерката за финансии.
Растот на економијата е проектиран на 3,8 %, а буџетскиот дефицит на 3,5 % од БДП, што, според Димитриеска-Кочоска, е согласно определбата за фискална консолидација.
Најавено е дека предлог-буџетот за 2026 година ќе се најде на пленарна седница на 9 декември.












