По повеќемесечен прекин продолжија градежните работи за изградба на кејот од десната страна на Вардар во Велес за уште 200 метри, на потегот од Мало Мовче до Стар Мост.

Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, информираше дека работите кои требаше да завршат лани беа повеќе месеци запрени поради нискиот водостој на Вардар, но и студените месеци изминатата зима. Тој најави дека работите интензивно се изведуваат и ќе завршат во краток рок. Воедно, нагласи дека и градежните фирми кои работат на негова изградба се соочени со недостиг на работници.

– Нивото на Вардар секогаш значи закочување или продолжување на работите на Кејот, затоа што кога има голем водостој, а повеќе месеци имавме голем водостој на Вардар, не можеше да се работи заради зголеменото ниво на Вардар, поради што се поплавува и веќе изградениот кеј. Тоа беше првата причина, а втората, бидејќи не фатија зимските месеци, ноември, декември, имавме ниски температури и висок водостој и повторно беа стопирани работите. Деновиве интензивно се работи  и се надевам дека за кратко време работите ќе бидат целосно завршени – истакна Колев.

Целиот кеј од десната страна на Вардар во централното подрачје на Велес е во вкупна должина од 400 метри. Градежните работи на десната страна на Вардар од новиот мост „Гемиџии“ до Мало Мовче во должина од 200 метри, односно првата фаза заврши на почетокот на јануари минатата 2024 година, а по што требаше да заврши изградбата на уште 200 метри, на која работите продолжија деновиве.

Изградбата на кејот на реката Вардар од десната страна во Велес  во првите 200 метри беше дел од проектот „Креативни можности во туризмот“, финансиран со средства од ЕУ преку проект за прекугранична соработка.

Во рамки на овој проект беше најавено да се постават и клупи и друга урбана опрема на кејот како и киосци за продажба на сувенири од Велес.

Кејот од левата страна на Вардар во Велес беше изграден уште пред 20 години.

Градоначалникот Колев, воедно најави дека е во план и продолжување на кејот од левата страна на Вардар и тоа на потегот од Стар Мост до ресторанот „Пармакот“.

 

 

ИЗДВОЕНИ