Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со Рита Колумбија, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија, на која беа разгледани можностите за унапредување на соработката во областа на одржливиот развој.
На средбата беше разговарано за приоритетите во рамки на Рамката за соработка меѓу Македонија и Обединетите нации за одржлив развој 2026–2030, со посебен фокус на енергетската транзиција, климатската акција, заштитата на животната средина и одржливото управување со природните ресурси.
Посебно внимание беше посветено на Стратешкиот приоритет „Отпорно и зелено општество и екосистеми“, кој опфаќа јакнење на институционалните капацитети, унапредување на климатската отпорност, намалување на ризиците од катастрофи и промоција на чиста и одржлива енергија.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува силно посветено на исполнување на националните и меѓународните обврски поврзани со енергетската транзиција и праведниот развој, при што ја истакна важноста на партнерството со меѓународните организации како клучен фактор за успешна реализација на реформските процеси.
Во рамки на средбата беше истакната и досегашната активна соработка меѓу Министерството и Канцеларијата на Обединетите нации, како и заедничките активности на министерката Божиновска и постојаната координаторка Колумбија, насочени кон јакнење на улогата на жените и младите во креирањето политики и развојот на лидерството во енергетскиот сектор.
Двете соговорнички се согласија дека охрабрувањето и инспирирањето на жените и младите да бидат активни носители на промените претставува клучна основа за одржлив и инклузивен развој. Дополнително, беа разгледани и можностите за реализација на нови заеднички проекти и иницијативи во наредниот период.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи со активна соработка со меѓународните партнери, со цел градење поотпорно, поинклузивно и поодржливо општество, во кое никој нема да биде изоставен.












