Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја дозволил апликацијата поднесена во врска со дивата струшка депонија, соопшти адвокатската канцеларија „Стојкоски и Ќатоски“.
Адвокатите од Струга, заедно со Здружението на млади правници, ја поднесоа апликацијата во мај, откако домашните судови се прогласија за ненадлежни.
– Ова значи дека Стразбур ќе расправа за еден од најголемите еколошки и здравствени проблеми во Струга – депонијата што се наоѓа на само 500 метри од првите куќи, во близина на реката Црн Дрим и на два километра од Охридското Езеро – светско природно наследство – велат од адвокатската канцеларија.
Оттаму велат дека депонијата загадува со над 40.000 тони отпад годишно, без никаква контрола врз видот на отпадот. Во постапката тие бараат утврдување повреда на правото на пристап до суд (член 6 од Европската конвенција), повреда на правото на приватен и семеен живот, како и повреда на правото на ефективен правен лек.
Апликантите, како што се наведува, се физички лица што живеат во непосредна близина на депонијата и се постојано изложени на загадување, како и Македонското здружение на млади правници, кое го застапува јавниот интерес за здрава животна средина.