Проблемот со протекувањето во Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, кој со децении ја нарушуваше работата на објектот и го загрозуваше книжевното богатство, конечно ќе биде решен. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков при денешната посета на Библиотеката посочи дека се обезбедени 24 милиони денари за санација во првата фаза од проектот.

„Пред неполна година направивме увид во Библиотеката и она што го видовме беше во очајна состојба, при што ветивме дека ќе преземеме големи чекори за санација на овој значаен објект. Од тој период до сега, заедно со директорот, ги направивме сите процедури. Конечно заврши јавната набавка и обезбедени се речиси 24 милиони денари за санација во првата фаза, а тоа се блоковите три и пет и целосна поправка на покривот, за да немаме повеќе протекување во објектот. По долги години првпат се случува ваков вид на санација и се надевам дека по завршувањето на овој опфат, некаде до крајот на годинава, ќе продолжиме со останатите фази и санација и на другите делови. Исто така, избран е и надзорот за проектот, што значи дека започнуваме со санација на овој значаен објект“, истакна министерот Љутков.

Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ Јовица Никчевски, пак, посочи дека се работи за проект со кој ќе се реши проблем кој трае повеќе децении.

„Со ова би ја завршиле првата фаза од проектот кој се состои од три фази. Првата фаза е покривната конструкција, лимовите и куполите, а по реализацијата започнуваме со втората и третата фаза согласно со обезбедени средства од страна на Министерството за култура. Втората фаза опфаќа замена на плафонските стакла и таваницата, а третата фаза е реставрација на фасадата и на мермерните површини околу зградата, но тоа би било тековно согласно владината програма за обновување на библиотеката“, кажа Никчевски.

За новиот дел од објектот кој бил пуштен во употреба во 2009, пак, посочи дека со години бил без соодветно греење и ладење.

„Системот не е во функција повеќе од десет години, бил запостевен, не е сервисиран и библиотеката во тој простор не може да се користи. Таму правиме напори и сме во завршна фаза за отворање на мултмедијална библотека. За кратко време, со почетокот на новата училишна и академска година планираме  да го отвориме, па и тој дел од зградата би бил во функција“, додаде Никчевски.

Во однос на дистрибуцијата на над 2.000 примероци од македонскиот Правопис кој беше пронајден во депото на НУБ, Никчевски посочи: „Повеќе од 50 отсто на примероци од македонскиот Правопис се дистрибуирани и тоа во најголем дел во библиотеките, на факултетите, а имаме договор и со Агенцијата за иселеништво и преку нив дистрибуираме и во странство. Исто така имаме договор и со ЗЕЛС за основни училишта. Следна фаза е дистрибуција во министерствата и очекуваме да заврши до септември“, истакнува Никчевски. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ