ПРОБЛЕМОТ СО НЕИЗБИРАЊЕТО ЗАСТАПНИК НА ГРАЃАНИТЕ НИКАКО ДА СЕ РАЗРЕШИ: Народниот правобранител должи и за четврта кирија, Гаши апелира за договор

187

Да не се оди на нов конкурс за избор на нов народен правобранител, туку да се постигне меѓупартиски договор за негов избор, апелираше деенска собранискиот спикер, Африм Гаши. Тој смета дека во ваква ситуација не би било добро да се распишува нов конкурс за избор на наследник на досегашниот правобранител, Насер Зибери, кому мандатот му истече во јули минатата година, туку изборот да се направи врз основа на минатогодишниот конкурс. На брифингот со новинарите, тој рече дека на вчерашната координација со координаторите на пратеничките групи во македонското Собрание апелирал да се постигне договор.

– Ги повикав координаторите да се усогласат околу изборот на новиот народен правобранител, да се најде решение. Никој од координаторите на беше против тоа, па ни од ДУИ. Ќе треба да се разговара околу ова и разговорите сигурно течат. Мислам дека има волја да се надмине проблемот – рече Гаши.

Проблемот со неизбирањето наследник на Насер Зибери настана откако не може да се обезбеди големо Бадентерово мнозинство, односно гласови од 20 пратеници од немакедонските заедници. Опозициската коалиција НАИ предводена од ДУИ не се согласува со предлогот нов правобранител да биде Фатон Сељами, кој е поддржан од коалицијата „Вреди“. Сељами, инаку, е раководител на подрачното одделение на Министерството за правда во Тетово, во Секторот за бесплатна правна помош. Тој беше предложен по спроведениот конкурс на кој се пријавија 17 кандидати. Меѓутоа, изборот беше закочен откако не можеше да се задоволи Бадентеровото правило.

Според Гаши, во ваква ситуација не е добро да се оди на распишување нов конкурс.

– Ако се реши да се започне нова процедура преку нов оглас, тогаш ќе ни треба уште олку време. И тогаш ќе нема гаранција кој ќе биде избран и пак процесот на избор ќе биде ризичен. Новиот кандидат може да биде предложен и од оние кандидати што биле кандидирани на минатогодишниот конкурс – рече првиот парламентарец.

Истовремено, состојбата меѓу вработените во институцијата Народен правобранител станува уште посложена.

– Од некои нејасни причини, наводно поради тоа што потписот на заменик-правобранителот, Илбер Руфати, не бил ист со депонираниот во трезорот, сè уште не можеме да земеме декемвриска плата. Се надеваме дека ќе се расчисти таа збрка, бидејќи тој досега пет месеци без проблем потпишуваше налози за да земеме плати. Сега одеднаш ни објаснуваат потписот не му бил ист! Не можеме ни да плаќаме кирии за закупените објекти во Скопје и во другите градови каде што имаме канцеларии. Јануари ќе биде четврти месец како што не плаќаме кирија. А лани не плаќавме оти државата ни ги собра парите што ги имавме на сметка – ни изјавија вчера вработените во оваа институција. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ