Општина Пробиштип, оваа година, новогодишната декорација ќе ја реализира на поедноставен начин, соопшти градоначалникот Тони Тоневски.
Поради големата финансиска задолженост и висината на цената од 30.000 евра што беше понудена на тендерот, украсувањето ќе се изведе без користење на средства од општинскиот буџет.
– Се користат сопствени украси од изминатите години, дополнети со светилки кои ни беа бесплатно отстапени за време на празниците- изјави Тоневски.
Тој додаде дека средствата што би биле наменети за украсување, по завршување на празниците ќе бидат уплатени за лекување на млад сограѓанин, за кого веќе подолг период се собираат донации низ целата земја.
– Како градоначалник и како општина, секогаш ќе бидеме тука за да помогнеме на секој што му е потребна поддршка, особено кога станува збор за здравствена потреба, зашто здравјето и човечкиот живот немаат цена – порача Тоневски.
Градоначалникот им посака убави, мирни и весели празници на сите жители на Пробиштип.












