Признанија за најдобрите пожарникар, полицаец и крводарител за 2025 година

20

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ги додели признанијата за најдобар пожарникар, полицаец и крводарител на градот за 2025 година.

За најдобар пожарникар за 2025 година е прогласен Игор Станишев, командир на одделение во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Признанието за најдобар полицаец за 2025 година му припадна на Кристијан Стефановски од ПС Карпош, а за најдобар крводарител е прогласена Виолета Гиноска, предложена од Црвениот крст. 

Станишев учествувал во гаснењето на бројни пожари и интервенции за заштита и намалување на материјалните штети и тој е, пред сè, човек чија храброст и чија пожртвуваност резултирале со спасување голем број животи.

Стефановски е препознатлив по својата исклучителна посветеност, професионализмот и значајниот придонес во остварувањето бројни работни активности и постигнувањето конкретни резултати во полициската работа. Гиноска, пак, е симбол на тивка, но моќна хуманост, жена чија безрезервна желба да помогне и да спаси нечиј живот претставува вистински пример за алтруизам и за човекољубие. Со повеќе од 45 пати дарување крв, на своите 54 години, таа заслужено се вбројува меѓу најпосветените и најистакнати крводарители.

Ѓорѓиевски им се заблагодари на избраните.

– Тие се доказ дека живеат вистинските вредности меѓу нас и дека секој чин на храброст, пожртвуваност и на хуманост го прави Скопје посилно и похумано место за живеење. Нека нивниот пример биде поттик и инспирација за сите нас да бидеме подобри луѓе и да градиме град заснован на солидарност, одговорност и на меѓусебна почит – изјави тој.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ