Привршува изградбата на новиот градски парк во Струмица

43

На местото каде што требаше да биде трговски центар, во Струмица привршува изградбата на нов градски парк кој ќе се простира на површина од 40.000 квадратни метри и кој е кај новата детска градинка „Виножито“.

– Паркот ќе има пешачки патеки и прекрасен амфитеатар кој ќе биде местото на културата, музиката и заедничките моменти. Ова не е само парк, ова е победа на духот на градот. Победа од љубовта кон природата, кон нашата иднина и кон нашите деца. Место каде што ќе се среќаваме, ќе се дружиме, ќе се одмораме и ќе сонуваме – истакна градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов.   

Изградбата на паркот започна на 17 април годинава. Костадинов тогаш рече дека оваа површина првично била предвидена за трговски центар, но оти Општината донела одлука дека на Струмица ѝ се доволни и згради и трговски центри, а има други локации каде што компаниите можат да инвестираат и да градат.

– Особено на населбата Карпош како нов дел од градот Струмица ѝ треба голем парк каде што родителите заедно со своите дечиња, пензионерите што живеат во овој дел од градот и децата од детската градинка „Виножито“ ќе имаат свое катче каде што ќе можат да си реализираат нивни едукативни програми, да се социјализираат и да поминуваат убаво време исполнето со здравје, среќа и, секако, мир насекаде – изјави тогаш Костадинов.

За изградбата на овој парк Општина Струмица доби грант од 350.000 евра за првата фаза, односно за изградба на пешачки патеки од висококвалитетен травертин и за мал амфитеатар со мултифункционална намена за децата од градинката, но и за сите млади и повозрасни кои своето секојдневје сакаат да го поминуваат токму тука. За втората фаза од големиот градски парк се добиени средства од УНДП. Станува збор за околу 15 милиони денари со кои се оди не само на раззеленување туку и кон дигитализација на самите паркови, бидејќи ќе има „смарт“ клупи, осветлување на соларна енергија, а ќе има и други содржини за дигитална едукација на најмалите и младите луѓе.

 

ИЗДВОЕНИ