Приватните компании „Јофи бус“, „Вестор транс“ и „Радос компани“, кои редовно сообраќаат во јавниот градски превоз, вчера побараа од ЈСП „Скопје“ итна исплата на акумулираниот долг во износ од 170 милиони денари. Според нив, во моментов се достасани 90 милиони денари. За разлика од нив, директорот на  ЈСП, Драги Кушовски, изјави дека долгот кон сите три превозници изнесува околу 60 милиони денари, далеку под сумата што ја посочуваат компаниите

 

Доколку до понеделник не биде исплатен долгот кон нив од ЈСП, приватните превозници ќе го намалат возниот ред за дури 70 отсто. Наместо вообичаениот распоред, автобусите ќе сообраќаат само во прва смена – од 5:00 до 10:00 часот, соопшти Јовица Зафировски, сопственик на „Јофи бус“.

Приватните компании „Јофи бус“, „Вестор транс“ и „Радос компани“, кои редовно сообраќаат во јавниот градски превоз, вчера побараа од ЈСП „Скопје“ итна исплата на акумулираниот долг во износ од 170 милиони денари. Според нив, во моментов се достасани 90 милиони денари.

– Долгот не е намирен уште од април. Ние не можеме да опстанеме шест месеци без приходи, како што тоа, можеби, го прават вработените во ЈСП. Имавме план да го прекинеме возењето, но одлучивме да бидеме коректни кон граѓаните на Скопје. Чекаме до понеделник. Ако се уплатат средства, ние ќе продолжиме да возиме. Но, потребна е итна реакција – изјави Зафировски.

Во случај да не бидат исплатени средствата до рокот, трите приватни компании најавија драстично редуцирање на услугите: возниот ред ќе биде ограничен само во прва смена, со 30 % од капацитетот, сè додека не се намири долгот.

На прес-конференцијата присуствуваше и директорот на ЈСП Скопје, Драги Кушовски, кој изјави дека е позната состојбата во претпријатието, но нагласи дека исплатата кон приватните превозници се врши согласно со финансиските можности на ЈСП.

– Откако сум јас директор, долгот се намалува. Не е точен износот што го кажуваат приватните превозници. Веќе треба да се престане со манипулации. ЈСП ги користи сите свои расположливи автобуси и не е точно дека ги штедиме на сметка на приватниците. Тие треба да бидат коректни кон граѓаните, а не да се прикриваат зад нашиот возен парк – потенцираше Кушовски.

Тој тврди дека долгот кон сите три превозници изнесува околу 60 милиони денари, далеку под сумата што ја посочуваат компаниите.

Изјавата на директорот на ЈСП беше веднаш демантирана од приватните превозници, кои тврдат дека вистинскиот долг е значително повисок. Разликата во податоците доведе до отворено надвикување меѓу двете страни, при што и едните и другите побараа транспарентност и увид во банкарските уплати.

Иако приватните превозници потврдија дека имале договор исплатата да се врши според можностите на ЈСП, тие изјавија дека досега им е исплатен само мал дел – по 300 илјади денари во четвртокот и 10 милиони денари пред пет недели, за стари обврски од март.

– Не можеме да ги покриеме трошоците за гориво. Бензинските пумпи веќе нè предупредуваат, а некои дури и најавија извршители. Со ова темпо, нема да можеме да опстоиме уште долго – предупредија приватните превозници.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ