Граѓаните реагираат дека системот „Безбеден град“ има одредени недостатоци и покрај тоа што се намалија сообраќајните незгоди. За некои, се вози пребавно поради стравот од казни. Тоа најмногу им пречи на такси-возачите, кои стравуваат дека граѓаните ќе го откажат превозот чекајќи подолго време да дојде возилото. Има и такви на кои им одговара побавното возење, бидејќи така се чувствуваат побезбедно. На недостатоци реагираат и дел од приватните превозници. Велат дека тие неправедно се казнети и бараат толеранција од МВР. Додаваат дека досега се казнети тројца од приватните превозници и дека се поднесени приговори до МВР. Вели дека најдобро би било да се вратат бројчаниците на семафорите. Од МВР велат дека се применуваат одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кај сите учесници во сообраќајот, без оглед на видот, намената или должината на возилото
Граѓаните реагираат дека системот „Безбеден град“ има одредени недостатоци и покрај тоа што се намалија сообраќајните незгоди.
За некои, се вози пребавно поради стравот од казни. Тоа најмногу им пречи на такси-возачите, кои стравуваат дека граѓаните ќе го откажат превозот чекајќи подолго време да дојде возилото. Има и такви на кои им одговара побавното возење, бидејќи така се чувствуваат побезбедно.
На недостатоци реагираат и дел од приватните превозници. Велат дека се неправедно казнети и бараат толеранција од Министерството за внатрешни работи.
Влатко Тодоровски од „Радос компани“ се жали дека проблемот се јавува во услови на густ сообраќај и отсуство на посебни жолти ленти, кога долгите автобуси влегуваат на раскрсница на трепкаво зелено светло, но поради должината, не успеваат целосно да ја поминат пред да се вклучи црвеното.
– Во такви случаи, камерите регистрираат поминување на црвено светло, по што следуваат високи парични казни и одземање на возачката дозвола – реагира Тодоровски.
Тој додава дека досега се казнети тројца од приватните превозници и оти се поднесени приговори до МВР.
Превозниците предупредуваат дека ваквите санкции може да предизвикаат сериозни последици во јавниот превоз, бидејќи немаат доволен број возачи за замена и доколку има поголем број изречени забрани за управување, може да дојде до паркирање на автобусите и до нарушување на редовниот сообраќај.
Затоа Тодоровски вели дека најдобро би било да се вратат бројчаниците на семафорите.
– Така луѓето ќе знаат дали имаат време да поминат – смета тој.
Освен тоа, реагира и дека треба да се казнуваат и оние што ги оставаат возилата на среде булевар.
– Во услови на намалена видливост, тие се најголема причина за незгоди. Системот „Безбеден град“ регистрира само возење со брзина над дозволената и поминување на црвено – забележува Тодоровски.
Воедно, приватните превозници предлагаат и поврзување на ГПС-системите во автобусите со семафорите, со што би се овозможило нивно вклучување во „паметниот“ зелен бран и избегнување вакви ситуации.
Од ЈСП Скопје, пак, не одговорија на прашањето на весникот ВЕЧЕР на колкумина од возачите им стигнале казни. Претходно, Град Скопје одлучи секој возач на ЈСП кому ќе му стигне казна дека прекршил некое сообраќајно правило – сам да си ја плати.
Од МВР велат дека постапуваат согласно со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, член 43, кој гласи: На крстосница и на друго место на кое сообраќајот е посебно регулиран со уреди за давање светлосни сообраќајни знаци, светлосните сообраќајни знаци за учесниците во сообраќајот ги имаат следниве значења: црвено светло – забрана за минување , зелено светло – слободно минување и жолто светло – забрана за минување, освен за возилата што во моментот кога ќе се појави жолто светло се наоѓаат на таква оддалеченост од светлосниот знак што не можат на безбеден начин да се запрат, а да не го поминат тој знак, а за другите учесници – забрана за минување, освен за оние пешаци што веќе почнале да го преминуваат коловозот.
Притоа додаваат дека жолтото светло вклучено истовремено со црвеното служи за предупредување на учесниците во сообраќајот за блиското престанување на забраната за минување и за појавата на зелено светло.
– Жолтото трепкаво светло ги обврзува сите учесници во сообраќајот да се движат со зголемена претпазливост. Зеленото трепкаво светло служи за предупредување на учесниците во сообраќајот за блиското престанување на слободното минување и за појавата на жолто, односно црвено светло – објаснуваат од МВР.
Велат дека се применуваат одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кај сите учесници во сообраќајот, без оглед на видот, намената или должината на возилото.
– Возачите што сметаат дека се неправедно санкционирани имаат право во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, лично или по пошта да го достават до надлежниот суд записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, потпишан од негова страна, при што надлежниот суд ги цени сите факти и околности во конкретниот случај – одговорија од МВР.
Оттаму наведуваат дека, во рамките на своите надлежности, ќе продолжат да соработуваат со локалната самоуправа и со надлежните институции со цел унапредување на сообраќајната организација и безбедноста во сообраќајот, меѓу кои и преку укажување на потребата од соодветни инфраструктурни решенија.
(А. П.)












