петок, февруари 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Притвор во траење од 30 дена за 12 лица, куќен притвор за...

Притвор во траење од 30 дена за 12 лица, куќен притвор за тројца од осомничените за пустошење шуми

264

Судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска го прифати предлогот на јавниот обвинител и за 12 лица одреди мерка притвор во траење од 30 дена, а за три повозрасни лица од кои две жени определен е куќен притвор.

Тие се осомничени за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ и „пустошење на шуми“, додека шестмина од нив и за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Првоосомничениот се сомничи и за „давање поткуп“, а на еден осомничен и кривично дело „примање поткуп“.

Истрагата се води против 15 лица, меѓу кои и директорот на ЈП Национални шуми – ПО Малешево и началникот на ОВР Делчево, кои се сомничат дека реализирале нелегални активности што довеле до опустошување на шума во површина од 6.000 хектари, сопственост на ЈП Национални Шуми ПСШ Малешево.

Како резултат на нивните дејствија, била исечена дрвна маса во количина од 1.500.000 метри кубни, со вредност од 6.405.000.000 денари. Организаторите на групата извршиле нелегална сеча на дрвна маса, која потоа била транспортирана и продавана како легално исечена, со цел да се оствари противправна имотна корист.

 

ИЗДВОЕНИ