Притисокот на Трамп вроди со плод: НАТО се движи кон 5 отсто од БДП за одбрана

15
EPA-EFE/Sean Gallup / POOL

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека на претстојниот самитот на НАТО во јуни, во Хаг, сите членки ќе се согласат за зголемување на средствата за одбрана во следната деценија на пет проценти од БДП.

Рубио ова го изјави во интервју за „Фокс њуз“ по учеството на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Анталија.

Американскиот претседател Доналд Трамп, во својот прв мандат од 2017 до 2021 година го намали финансирањето на НАТО, честопати жалејќи се дека САД даваат неправедна сума во Алијансата во споредба со другите членки.

-Можам да ви кажам дека за шест недели имаме состанок каде што речиси секоја членка на НАТО ќе биде на два или повеќе проценти од БДП, но што е поважно, многу од нив ќе бидат на над четири проценти, и сите ќе се согласат за целта од пет проценти во текот на следната деценија, рече шефот на американската дипломатија.

Новиот германски министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, претходно оваа недела изјави дека Берлин го поддржува барањето на Трамп членките да ги зголемат трошоците за одбрана на пет проценти од БДП.

Самитот на НАТО ќе се одржи на 24 и 25 јуни во Холандија

ИЗДВОЕНИ