Пристигнува најсилната „канибалска соларна бура“ во последните 20 години

191

Геомагнетна бура треба да ја погоди Велика Британија денес и би можела да биде една од најголемите во последните 20 години. Американската вселенска агенција НАСА го одложи планираното лансирање ракета во вселената поради „канибалска“ сончева бура која би можела да ги наруши и GPS, комуникациските системи и електричните мрежи.

Британскиот геолошки завод (BGS) го подигна нивото на тревога на највисоко ниво и соопшти дека бурата веќе предизвикала прекини во комуникациите и сателитската навигација.

Според нивните податоци, оваа бура би можела да се спои со уште еден сончев блесок, што ја прави „канибалска бура“ – име што се користи кога една сончева бура „голта“ друга, со што ја зголемува својата сила, пишува „Скај њуз“.

Научниците предупредуваат дека тоа би можело да биде една од најинтензивните сончеви бури во последните 20 години и дека Велика Британија би можела да го почувствува нејзиното целосно влијание уште денес попладне.

„Блу Ориџин“ – компанијата за вселенска технологија основана од шефот на „Амазон“, Џеф Безос, требаше денес да ја лансира својата ракета „Њу Глен“ од Кејп Канаверал, Флорида.

Соларната бура нема да влијае само на Флорида и местото на лансирање. Се очекува да донесе спектакуларен приказ на северната светлина – аурора бореалис – над Британија преку ноќ, под услов небото да биде ведро и темно, а не е исклучено обоеното небо да се појави и над делови од Балканот, што би била една од најретките глетки во последната деценија.

Иако соларните бури се фасцинантен природен феномен, тие претставуваат сериозна закана за инфраструктурата и навигацијата. Затоа се наведени како примарна опасност во официјалниот Национален регистар на опасности на Велика Британија.

ИЗДВОЕНИ