Во Соединетите Американски Држави и Канада денеска се одржуваат настани по повод Денот на мрмотот, каде што од овие „крзнени метеоролози“ се очекува да предвидат колку ќе трае зимата и кога ќе се почувствува првиот здив на пролетта, објавуваат американските медиуми.
Најпознатите настани се одржуваат во Мичиген и Пенсилванија, а слични настани се одржуваат во повеќе од 28 американски држави и канадски провинции.
Според верувањето, ако мрмотот Вуди од Мичиген, или Панксатони Фил од Пенсилванија, не ја видат својата сенка денес, пролетта ќе пристигне порано.
Денот на мрмотот се обележува на 2 февруари од 19 век, а според долгогодишна традиција, од овие животни се очекува да предвидат кога ќе дојде пролетта. По премиерата на филмот „Ден на мрмотот“ во 1993 година, во кој глуми Бил Мареј, овие настани станаа уште попопуларни.
Според легендата, ако мрмотите излезат од своите дупки и ги видат сопствените сенки, тие ќе се повлечат и зимата ќе трае уште шест недели.
Меѓутоа, ако не ги видат своите сенки, тоа значи дека раната пролет е пред вратата и дека може да се очекува зголемување на температурите во наредните недели.
Жителите на Мичиген кои сакаат да го видат мрмотот Вуди како го предвидува почетокот на пролетта во живо, можат да се приклучат на годишниот настан организиран од Центарот за природа Хауел од 7:30 до 8:30 часот по локално време, на патот Триангл Лејк.
Пенсилванија, исто така, организира настан каде што мрмотот Панксатони Фил ќе го предвиди доаѓањето на пролетта, а „Ју-Ес-Еј Тудеј“ ќе го емитува настанот во живо, пренесува Танјуг.












