Рускиот претседател Владимир Путин денес разговараше со четири клучни лидери на земјите од Персискиот Залив, предупредувајќи на опасноста нападите на САД и Израел врз Иран да ескалираат во поширок регионален конфликт, објави Си-Ен-Ен.
По разговорите со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, Кремљ објави дека „двете страни изразија сериозна загриженост за реалниот ризик од проширување на зоната на конфликт, која веќе ги зафати териториите на голем број арапски земји и носи катастрофални последици“.
„Ова е исклучително опасно“
Путин ја нагласи потребата од дипломатија за решавање на „исклучително опасна ситуација“, додека, според Кремљ, саудискиот престолонаследник рече дека Москва, благодарение на добрите односи и со Иран и со земјите од Заливот, може да игра стабилизирачка улога.
Русија постојано ги осудува нападите на САД и Израел, како и атентатот врз иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи. Путин разговараше и со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
– Двете страни ја нагласија потребата од прекин на непријателствата и враќање на политичкиот и дипломатскиот процес – објави Кремљ.
Загриженост за вмешаност на трети земји Кремљ, исто така, соопшти дека Путин и катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани „изразиле загриженост за ризикот од ширење на конфликтот на Блискиот Исток и опасноста од вклучување на трети земји во него“ во телефонски разговор.
Рускиот претседател разговараше и со кралот на Бахреин, соопшти Кремљ.












