„Музејот ќе ги обнови влезниот портал и холот, ќе ја изгради интерактивната ‘Магична соба’, прв ваков простор направен во Македонија, во кој посетителите ќе доживеат вистински времеплов. Ќе отпатуваат на најнеобичните места од денешницата и праисторијата…“, истакна, меѓу другото, директорот на Природонаучниот музеј – Скопје, Ивица Заркадов, кој вчера на потпишувањето на меморандумот за соработка се заблагодари за донација од 150 илјади евра од Стопанска банка, која како што истакна, го препозна значењето на Музејот вложувајќи во неговата модернизација и развој

 

„Магичнатата соба“– импресивен дигитален простор за научни видео и аудиопроекции, подобрената пристапност, модерната веб-страница и новите дигитални алатки, се дел од проектите што ќе се реализираат во Природонаучниот музеј – Скопје со Меморандумот за соработка што вчера го потпишаа министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, генералниот извршен директор и претседател на управниот одбор на Стопанска банка АД Скопје, Хрисула Кутуди, и директорот на оваа национална установа, Ивица Заркадов. Како што посочи министерот Љутков, оваа соработка ќе овозможи модернизација и дигитално осовременување на Музејот, токму во пресрет на неговиот 100-годишен јубилеј.

– Уверен сум дека во следните три години ќе видиме Музеј кој е современ, динамичен и привлечен за сите генерации, но пред сè – место кое ги инспирира децата да го сакаат и да го разбираат светот што ги опкружува. Со овој Меморандум поставуваме пример за тоа како јавниот и приватниот сектор можат успешно да соработуваат за создавање подобри услови за учење, за иновативни културни и научни содржини и за поддршка на младите генерации. Особено ме радува што проектите што ќе се реализираат директно ќе влијаат врз развојот на љубопитноста, знаењето и на креативноста кај најмладите посетители“, истакна министерот Љутков.

Директорот на Природонаучниот музеј, пак, се заблагодари за донацијата од 150 илјади евра, која беше понудена од Стопанската банка, која, како што истакна, го препозна значењето на Музејот вложувајќи во модернизација и развој на објектот.

– Со овие средства, Природонаучниот музеј ќе ги обнови влезниот портал и холот, ќе ја изгради интерактивната „Магична соба“, прв ваков простор направен во Македонија, во кој посетителите ќе доживеат вистински времеплов. Ќе отпатуваат на најнеобичните места од денешницата и праисторијата, ќе го видат постанокот на светот, ќе се сретнат со праисториски животни и инсекти, ќе нурнат во најдлабоките океани… Исто така, ќе ја модернизираме и нашата веб-страница, овозможувајќи виртуелни прошетки, онлајн билети, пристап до сите информации во Музејот, како и до сите периодични списанија кои ги издава Музејот, истакна директорот Заркадов. Тој посочи дека во изминатите години, Музејот бележеше од 10.000 до 14.000 посетители годишно, но со имплементацијата на овој проект се очекува посетата најмалку двојно да се зголеми.

– Убедени сме дека сите овие промени – „Магичната соба“, модерниот влезен простор и новата веб-страница, ќе придонесат Mузејот да стане еден од најпосакуваните во земјата, како за учениците и младите, така и за туристите кои ја посетуваат Македонија. Овој проект доаѓа во период кога Mузејот се подготвува да го одбележи големиот јубилеј – 100 години постоење, во 2026 година. Сакам да нагласам дека во целото столетие од нашето работење, ова претставува прва ваква поголема донација директно вложена во музејската зграда, додаде директорот Заркадов, кој се заблагодари и на Министерството за култура и туризам за поддршката за реализирање на годишната програма на Музејот.

Генералниот извршен директор и претседател на управниот одбор на Стопанска банка АД Скопје, Хрисула Кутуди, пак, изрази надеж дека ова партнерство ќе придонесе за нови интерактивни и имерзивни искуства за илјадниците деца што го посетуваат Музејот секоја година, продолжувајќи ја со тоа научната мисија градена веќе еден век.

Основан во 1926 година, Природонаучен музеј е една од најстарите научни институции во земјата, посветен на проучување, зачувување и претставување на природното наследство на Северна Македонија. Секоја година им служи на илјадници ученици преку своите изложби, образовни програми и истражувачка работа. (Д. Т.)

Фото: Ѕ. Плавевски

 

ИЗДВОЕНИ