Лисјата и другиот отпад собрани при одржувањето на зеленилото во Центар ќе се компостираат, односно од нив ќе се создава природно ѓубриво кое е вредно за растенијата.
Советот на Општина Центар ја прифати оваа иницијатива која е на „Шанса за Центар“.
Општина Центар, во следниот период, ќе достави до Советот одлука со која ќе се побара склучување на соработка со Град Скопје за овој отпад да се носи на компостирање во двете биокомпостари што ги набави Градот во минатиот мандат, но кои, за жал, уште не се ставени во функција.
– Еве конкретна можност тие машини да почнат да ја одработуваат својата корисна улога. Сега во нашата општина, а најверојатно и во другите, лисјата и гранките се собираат на големи купови кои често прераснуваат во ѓубришта за, на крај, да се товарат на камиони и да се носат дури 13 километри во еден правец до депонијата „Дрисла“, каде што се исфрлаат како отпад. Во сезона се прават и по неколку вакви тури на ден до депонијата – констатираат од „Шанса за Центар“.
Оттаму сметаат дека доколку и другите општини почнат да го компостираат овој материјал, може да се создава солидно количество природно ѓубриво кое општините и градот ќе можат да го користат при садење или при активностите на одржување на градското зеленило.
(А. П.)












