Фондацијата „Ице Бегов“ и Планинарскиот спортски клуб „Кожуф“ изминатиот викенд го организираа третиот инклузивен планинарски марш на Кожуф. Добронамерни луѓе со и без попреченост, волонтери, поддржувачи, планинари и пријатели упатија порака дека инклузијата не е привилегија, туку право, дека природата е за сите.
Се докажа уште еднаш дека планината е одлично место каде се рушат сите бариери, а дека децата најубаво си играат во слободен простор, во природна средина, опкружени со зеленило и песната на птиците.
Стотина жители од Гевгелија, Дојран, Валандово и Стојаково со секој чекор во маршот носеа пораката дека не е толку важно кој колку може, туку кој колку сака. Тие го посетија планинарскиот дом „Иван Шутов – Кротки“ кој се наоѓа во подножјето на Кожуф, а во дворот организаторот подготви креативни работилници и игри за забава. Штитениците на Центарот „Мајка Тереза“ од Гевгелија изготвија медали за сите учесници на овој уникатен настан.
Она што овој марш го направи посебен е фактот што со помош на Фондацијата „Ице Бегов“, во планинарскиот дом беше изграден првиот пристапен тоалет за лица со попреченост во планинарски објекти во Македонија.
– Ова не е само градежен зафат, ова е чекор кон достоинство и еднаквост. Презадоволни сме што и со третото по ред инклузивно планинарење покажавме и докажавме колку е важна и значајна инклузијата и дека бариери не постојат, дури и на планината. Природата нè учи дека убавината е во различноста. Планината нè повикува сите – без разлики, без граници. Секој е добредојден, секој е важен, секој има место на ова патување. Заедно создаваме патеки на љубов, надеж и слобода, а со подадена рака се е полесно – изјави за весникот ВЕЧЕР претседателката на фондацијата „Ице Бегов“, Елена Бегова.
Оваа фондација е основана со цел вршење на хуманитарни активности, поддршка и помош преку собирање средства и нивно насочување кон социјално загрозени категории на лица и семејства, маргинализирана група на граѓани и ранлива категорија на граѓани, лица со попреченост. Ице Бегов, лице со посебни потреби кој почина од компликации од вирусот корона за време на корона пандемијата, беше роден на 28.07.1995 година во Гевгелија. Детството и школувањето ги поминал во Скопје. Неговата личност и карактер беше синоним за вистински пријател, брат, верен другар, со чиста љубов која ја ширеше кај секого.
(Љ.А.)