Принцот Хари во ненадејна посета на Украина, ќе им помага на ранетите војници

12
Фото: X

Британскиот принц Хари денеска е во посета на Украина, пристигнувајќи во Киев со членови на неговата Фондација „Инвиктус гејмс“( Invictus Games) за да ги детализира плановите на неговата добротворна организација за помош во рехабилитацијата на ранетите војници, објави весникот „Гардијан“.

Ова е втора посета на Хари, помладиот син на британскиот крал Чарлс, на Украина оваа година, откако во април го посети центарот за ранет воен персонал во Л’вов.

Хари служеше во британската армија 10 години пред да ја основа Фондацијата „Инвиктус гејмс“, добротворна организација која организира меѓународен спортски настан за воениот персонал ранет во акција.

„Не можеме да ја запреме војната, но можеме да направиме сè за да помогнеме во процесот на закрепнување“, изјави Хари за „Гардијан“ во ноќниот воз за Киев.

Тој рече дека бил поканет од украинската Влада, а пред патувањето добил дозвола од британската влада и неговата сопруга.

Патувањето доаѓа на крајот од четиридневната посета на Хари на Велика Британија од неговиот дом во Калифорнија, каде што живее со сопругата Меган и нивните две деца.

Откако во 2020 година се повлече од функцијата висок член на кралското семејство, односот на Хари со неговиот татко е затегнат откако тој јавно го критикуваше кралското семејство.

Како знак за затоплување на односите, принцот Хари во средата се сретна со својот татко за првпат по 20 месеци.

ИЗДВОЕНИ