Принцот Филип Караѓорѓевиќ упати јавен апел до српските државни власти и градските власти на Белград да го заштитат достоинството и историската вредност на Пионерскиот парк, кој е „жив споменик на српската државност, култура и идентитет“, и со месеци е импровизиран камп, а на граѓаните им е забранет пристапот, објави Н1.
Од канцеларијата на Караѓорѓевиќ пренеле дека тој рекол оти „како наследник на династија која е вткаена во историјата на српската државност и култура, чувствувам морална обврска да се обратам до јавноста и да ги повикам надлежните институции да го заштитат достоинството на еден од највредните простори во нашиот главен град, Пионерскиот парк, поранешниот Дворски парк“.
Тој потсети дека на местото на денешниот Пионерски парк во 1843 година бил изграден првиот српски дворец од принцот Александар Караѓорѓевиќ.
„Тука започнало создавањето на државниот и културниот центар на Србија, каде што за прв пат бил воспоставен судски протокол и се зацврстил духот на еманципирана владејачка куќа, што ја доближи Србија до европските земји“, рече тој.
Принцот Филип, исто така, потсети на историската врска помеѓу трите репрезентативни згради што го опкружуваат паркот – Стариот дворец, Новиот дворец и зградата на Народното собрание.
„Стариот дворец, изграден од кралот Милан I Обреновиќ, бил резиденција на кралевите Петар I и Александар I Караѓорѓевиќ. Новиот дворец, денешната зграда на Претседателството на Србија, бил изграден како дворец на мојот прадедо, кралот Александар I, додека Домот на Народното собрание бил создаден како симбол на државната репрезентација и националната власт, чиј камен-темелник го поставил кралот Петар I“, потсетува принцот Филип.
Тој додаде дека овие згради формираат единствена целина на првиот државен и дворецски комплекс во Србија и дека заедно се „сведоштво за трајноста на српската државност и култура“.
„Пионерскиот парк денес е законски заштитен природен имот и културно-историски комплекс од исклучително значење. Неговата вредност не е само естетска – тој има државна, репрезентативна и туристичка димензија, бидејќи во неговата околина се наоѓаат највисоките институции на Република Србија и обележја што го претставуваат лицето на нашата држава пред светот“, истакна принцот.
Принцот Филип посебно апелираше за отстранување на кампот што се наоѓа во паркот од зимата и „со месеци го оштетува изгледот, вредноста и значењето на овој простор“.
„Таквата глетка не е само прашање на естетика или безбедност, таа го навредува сеќавањето на историјата, го поткопува достоинството на државните институции и поттикнува непотребни социјални поделби“, предупреди принцот Филип.
Тој потсети дека „Пионерскиот парк, или Дворскиот парк, им припаѓа на сите граѓани на Србија, без оглед на нивната политичка, идеолошка или каква било друга припадност“.
„Тоа е место што треба да нè обединува, а не да нè разделува, простор што го одразува нашето заедничко наследство, гордост и државен континуитет“, порача Филип Караѓорѓевиќ.
Принцот Филип конечно ги повика надлежните институции да дејствуваат во согласност со законот и да го заштитат паркот како природно и културно богатство од исклучително значење.
„Нека овој простор повторно биде она што отсекогаш бил: место на мир, почит и единство за сите граѓани на Србија“, порача наследникот на династијата Караѓорѓевиќ.












