Принцот Ендру остана без титула, но не и без пари: Ќе го финансира кралот Чарлс!

70
EPA/NEIL HALL

Поранешниот принц, Ендру Маунтбатен Виндзор, треба да добие голема еднократна сума и годишен надомест за да го ограничи прекумерното трошење во неговиот нов живот како обичен човек, дознава „Гардијан“.

Покрај губењето на титулата, Ендру ќе мора да најде и ново сместување откако го изгуби правото на престој во Кралската ложа каде што живее повеќе од две децении.
Бакингемската палата потврди дека му е доставено формално известување за иселување и дека ќе биде преместен во помала резиденција на имотот Сандрингам.

На Ендру ќе му биде исплатен и ануитет за кој се вели дека е неколку пати поголем од неговата поморска пензија, а парите ќе дојдат од приватните средства на неговиот постар брат, кралот Чарлс.

Бакингемската палата во четвртокот објави соопштение во кое објаснува дека е направен официјален потег за одземање на сите титули на принцот Ендру, само две недели откако тој доброволно се откажа од нив. Кратко по објавата на палатата, тој беше избришан од благородништвото.

Британската влада соопшти дека целосно ја поддржува одлуката на кралот Чарлс.

Принцот Ендру се најде во центарот на скандалот околу неговото пријателство со покојниот американски милијардер и осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, по објавувањето на посмртните мемоари од неговата наводна жртва на сексуален напад, Вирџинија Џуфре.

Во мемоарите се тврди дека поранешниот принц сексуално ја злоупотребувал кога била малолетна, додека тој тврди дека никогаш не ја запознал.

Џуфре изврши самоубиство во април оваа година на 41-годишна возраст.

И покрај тоа што ја изгуби титулата, Ендру останува осми во редот за наследување на тронот.

„Јасно е дека ќе биде потребна вистинска катастрофа за да стане крал, со оглед на сè што се случи пред него“, рече Џо Литл, уредник на списанието „Мајџест“.

Метрополитенската полиција размислува дали да покрене нова кривична истрага за наводната сексуална злоупотреба на поранешниот принц.

Тој моментално се соочува со две истраги, едната во врска со мемоарите на Вирџинија Џуфре, а другата е тврдењето дека се обидел да ги принуди полицајците од неговото обезбедување да „ископаат ваклани работи“ за Џуфре.

ИЗДВОЕНИ