Принцот бин Салман пречекан во САД со авиони, гарда и топови – вети трилион долари саудиски инвестиции

105
EPA/NATHAN HOWARD / POOL

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман изјави во вторникот за време на состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп во Овалната соба дека Кралството ќе ги зголеми своите инвестиции во Соединетите Држави на трилион долари.

„ Сакам да ви се заблагодарам што се согласивте да инвестирате 600 милијарди долари во Соединетите Држави, а бидејќи тој е мој пријател, би можел да ги зголеми на трилион, но јас ќе морам да поработам на него, – рече Трамп, осврнувајќи се на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.

Како одговор, принцот рече дека Кралството ќе ги зголеми американските инвестиции на трилион долари.

Трамп рече дека Саудиска Арабија ќе добие борбени авиони Ф-35 кои се „доста слични“ на оние што ги има Израел, нарекувајќи ги двете земји големи сојузници.

Трамп, исто така, рече дека Соединетите Држави постигнале воен договор со Саудиска Арабија. Тој додаде дека може да види договор за цивилна нуклеарна енергија со Саудиска Арабија.

Принцот Салман рече дека Саудиска Арабија сака да склучи мир со Израел, но само ако има јасен пат кон решение за две држави за израелско-палестинскиот конфликт, објави саудиската телевизиска мрежа ал-Арабија.

Инаку, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман беше пречекан со исклучително свечен прием во Белата куќа, организиран од американскиот Доналд Трамп за време на неговата прва посета на Вашингтон по повеќе од седум години.

Неколку моменти пред неговото пристигнување, неколку американски воени авиони прелетаа над комплексот, додека почесна гарда и топовски оган ја завршија церемонијата на Јужниот тревник.

Бин Салман се стреми да го врати својот меѓународен углед, а воедно да ги зајакне односите со САД, особено по глобалните контроверзии што го следеа во последните години. Приемот на Трамп беше раскошен – токму она што би го посакал еден саудиски лидер додека ја промовира амбициозната агенда за развој „Визија 2030“.

Семејството Трамп има силни деловни врски со Саудиска Арабија. „Дар Глобал“, кој работи во кралството со владина поддршка и тесна соработка со МБС, го објави отворањето на „Трамп Плаза“ во Џеда оваа година, додека проектот за „Трамп Тауер“ беше лансиран и претходно. Во двата случаи, „Организацијата Трамп“ нема да инвестира капитал, туку ќе заработи милиони преку лиценци.

ИЗДВОЕНИ