Принцезата Кејт предупредува дека телефоните ги раздвојуваат членовите на семејството: „Физички сме присутни, но ментално сме отсутни“

417

Принцезата од Велс и сопруга на принцот Вилијам, Кејт, предупреди дека прекумерната употреба на паметни телефони и компјутери создава „епидемија на разделба“ што влијае на семејниот живот, објавија денес британските медиуми.

„Иако дигиталните уреди треба да нè поврзат, тие често го постигнуваат спротивното“, напиша принцезата во есеј што го напиша во соработка со професорот на Медицинскиот факултет Харвард, Роберт Валдингер, објави Би-Би-Си.

Таа додаде дека паметните телефони и другите уреди постојано нè одвлекуваат и го расипуваат времето што семејствата го поминуваат заедно.

„Физички сме присутни, но ментално отсутни и не сме во можност целосно да се посветиме на комуникација со луѓето пред нас“, напиша принцезата.

Како што вели принцезата, истражувањата ја покажуваат важноста на создавање топли и здрави односи меѓу семејствата и луѓето, но социјалниот тренд оди во спротивна насока, така што има сè повеќе осамени и изолирани поединци, а членовите на семејството не обрнуваат соодветно внимание едни на други.

Кејт предупреди дека овој проблем е особено акутен за денешните деца кои живеат во свет преокупиран со дигиталната технологија.

Во есеј објавен на веб-страницата на Кралската фондација за рано детство, таа вели дека децата треба да бидат охрабрени да развиваат социјални и емоционални вештини што ќе им помогнат во текот на целиот живот.

Нејзиниот сопруг, принцот Вилијам, неодамна изјави дека ниту едно од нивните три деца не поседува паметен телефон.

ИЗДВОЕНИ