– Веќе дваесет и пет години сум на сцената како професионален балетски уметник. Досега, во мојата кариера изиграв многу претстави, толкував многу улоги, настапував на многу сцени во светот, работев во прекрасни театри, освојував награди на светски натпревари и сè уште сум на сцена танцувајќи ги сите најтешки улоги. Кога ќе помислам на сите моменти поминати на сцена, ме обзема чувство на неизмерна среќа и задоволство. Сега, го прославувам целиот тој труд со една преубава улога и претстава. Мислам дека можам да кажам со сигурност дека е исполнет мојот детски сон – вели во разговор за весникот ВЕЧЕР примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска, која на 25 јуни ќе ја одигра насловната улога во македонската премиера на балетската претстава „Госпоѓа Бовари“, на сцената на Националната опера и балет, со која одбележува 25 години од својата кариера

 

Марија Кичевска-Шокаровска е примабалерина во Националната опера и балет, која во текот на својата 25-годишна кариера се профилира како високо квалитетен играч, со забележителни настапи на домашната и на меѓународната сцена кои  секогаш предизвикувале воодушевување кај публиката, но и кај стручната критика. Родена е во Скопје, каде што го има оформено и своето балетско образование, од основното во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, па сѐ до постдипломските студии на Факултетот за музичка уметност, при УКИМ. Во рамките на средното образование, четири месеци има престојувано во балетската школа на Париската опера. Во 1999 г., се вработи во Балетот при Националната опера и балет, каде што, во моментов, ја извршува функцијата уметнички раководител на Балетот. Покрај ангажманите во матичната куќа, ја реализира уметничката дејност и на меѓународниот балетски подиум, потпишувајќи повеќегодишни договори со две престижни балетски куќи: Националниот театар во Визбаден (Германија), во периодот 2002-2007 и Виенската опера (Австрија), во периодот 2007-2010, притоа настапувајќи во повеќе први и втори улоги. Има одиграно главни улоги во престижни национални театри во Европа и во светот, како Театарот „Сан Карло“ во Неапол, „Арената“ во Верона (Италија), Националниот балет во Кишињев (Молдавија), Државната опера во Варна (Бугарија)…, а има реализирано и повеќе турнеи. Во текот на својата плодна кариера, има одиграно повеќе од 1.000 претстави, а на нејзиниот репертоар се наоѓаат најзначајните главни улоги од балетската литература, како Одета и Одилија во „Лебедово езеро“, Аурора во „Заспаната убавица“, Китри во „Дон Кихот“, Маргарита во „Дама со камелии“, Клара во „Оревокршачка“… Во 2006 г., ги доби бронзениот медал на Интернационалниот балетски натпревар во Варна (Бугарија) и наградата за заслуги „Robert Jоffrey Award of Merit“, на натпреварот во Џексон Мисисипи (САД). Добитник е и на наградата „26 Јули“ во 2015 г., како најдобар студент на генерацијата – од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Со балетската претстава „Госпоѓа Бовари“ на 25 јуни одбележувате 25 години од Вашата плодна балетска кариера. Колку сте задоволни од постигнатото, дали го остваривте својот детски сон?

Веќе дваесет и пет години сум на сцената како професионален балетски уметник. Досега, во мојата кариера изиграв многу претстави, толкував многу улоги, настапував на многу сцени во светот, работев во прекрасни театри, освојував награди на светски натпревари и сè уште сум на сцена танцувајќи ги сите најтешки улоги. Кога ќе помислам на сите моменти поминати на сцена, ме обзема чувство на неизмерна среќа и задоволство. Сега, го прославувам целиот тој труд со една преубава улога и претстава. Мислам дека можам да кажам со сигурност дека е исполнет мојот детски сон.

Кој момент, всушност, бил пресуден да се одлучите балетот да стане Ваша професија?

Мислам дека имав седум години кога првпат видов балерина на телевизија. Сè уште го паметам тој момент како седам пред телевизорот и со воодушевување го следам нејзиниот волшебен танц. Од тој момент не престанав да им зборувам на моите родители за балерината и дека мора да ме запишат на балет. Кога ме запишаа и влегов во балетската сала, за мене веќе не постоеше ништо друго, освен балетот.

 Вашата професија е полна со предизвици. Имало ли моменти кога, можеби, сте сакале да се откажете?

Никогаш немало таков момент и не ми било толку тешко за да помислам да се откажам од балетот. Никогаш нема поминато таква мисла во мојата глава. За мене, всушност, не постои ништо друго со кое би можела да се занимавам во животот, освен балетот. Едноставно, никогаш се нема сменето љубовта кон балетот и така е до ден-денешен.

Вашиот пат како балетски уметник беше исполнет со бројни настапи не само на домашната сцена туку и на сцените во светот. Но, кога би требало да издвоите некој или некои настани што имале особено значење за Вас и Вашата кариера, што би издвоиле?

Искрено, секоја претстава и секој настап ги носам во срцето со некаква посебна емоција. Кога ќе помислам на „Заспаната убавица“, улогата што ја играв во Визбаден, на „Оревокршачка“ во Наполи или во Виена, на „Лебедово езеро“, претстава во која играв на отворените сцени низ Италија. Тука е и натпреварот во Варна, „Дон Кихот“ во Скопје и можам да набројам уште многу претстави што ми се исто толку важни. Навистина не би можела да издвојам еден или два настапа што ми значат повеќе од другите. Буквално, со голема љубов ги носам сите во моето срце.

Всушност, што е она што бил најголем предизвик за Вас и најголема сатисфакција за целиот труд што го вложувавте секој ден од својата кариера?

Сум имала повеќе предизвици што ми донеле сатисфакција, таков е примерот со една од улогите што ги одиграв во Виенската опера додека работев таму. Кога поставуваше Ројал балет нова премиера, во една од водечките улоги бев ставена во третата поделба. Сите три девојки отидовме на првата проба, на која настапи првата девојка, втората, па потоа јас на крајот. Следниот ден ме викна директорот да ми каже дека ќе играм на премиерата. Исто така, во Виенската опера, додека една двојка ги подготвуваше првите улоги, професорите ме викнаа на една проба. Среде проба, го викнаа директорот да ме гледа и ме ставија да играм. Има уште примери и затоа не би можела да изберам само еден.

Заспаната убавица

Грациозноста, убавите костими и извајаното тело се она што ги краси балетските уметници, но каква е Марија Кичевска приватно? Колку труд и енергија вложувате и надвор од сцената секогаш да бидете впечатливи во својата уникатност?

Сакам секогаш да сум средена. Ја обожавам убавата облека и имам дури седум плакари, кои се лично мои. Исто така, балетот претставува естетска уметност. Ние и приватно сме амбасадори на нашата уметност, и тоа и се очекува од нас. Јас уживам во купувањето и никогаш не ми е доста. Во новава претстава можам да се поврзам со улогата на госпоѓа Бовари во тој поглед, затоа за оваа улога имам повеќе костими од која било друга претстава досега. Посветив многу време на креирањето на костимите и поминувам по неколку часа дневно во шивачницата, со целиот тим што ги шие и осмислува фустаните. Благодарна сум им на сите жени што се трудат да изгледаат костимите толку прекрасно.

Јавноста внимателно ги следи Вашите успеси, но дали постои уште некој предизвик, неисполнет сон, желба за настап на некоја од светските балетски сцени и соработка што не успеавте да ја реализирате?

Мислам дека најголема желба и предизвик ми беше јубилејот. Ова е нешто за што долго размислував и воопшто не беше лесно да одлучам и да изберам што сакам да играм. Моментално сум комплетно ангажирана за подготовките за претставата „Госпоѓа Бовари“, бидејќи претставата е круна што ја одбележува кариерата на еден првенец.

Успешните кариера и настапи, кои по правило завршуваат со најголеми признанија, станаа Ваш заштитен знак. Што би им препорачале на своите помлади колеги, кои допрва влегуваат во светот на балетот?

На помладите колеги би им препорачала да уживаат во секој момент што го носи овој балетски свет. Балетските уметници имаат една од најкратките кариери, па затоа треба да се трудат секој момент на балетската сцена да вреди и да се памети.

Дон Кихот

Колку значи за еден балетски уметник поддршката од семејството и колку е битна таа за успех?

Мислам дека поддршката од семејството е важна за успех во буквално секоја професија. Особено ако се работи за некоја како што е балетот, кој бара да се започне со подготовки и работа уште во раните години, кога е сè уште детето во развој.

Каде ќе ја гледаме Марија Кичевска во следниот период?

За следниот период имаме планирано неколку гостувања надвор од нашата држава, заедно со целиот ансамбл на Националната опера и балет. Имам неколку покани, но уште не знам дали ќе имам време да ги прифатам и, секако, настапувам во рамките на тековниот репертоар на сцената на Операта и балетот.

Балетската претстава „Госпоѓа Бовари“ – драма на женската душа

Премиерата на новата балетска продукција на Националната опера и балет, „Госпоѓа Бовари“ (25 јуни, 20:00 ч.), е инспирирана од безвременскиот роман на Г. Флобер. Марија Кичевска-Шокаровска, која остави длабок белег во историјата на македонскиот балет со своите енергија, емоција и посветеност, ќе ја толкува главната улога на Ема Бовари, а во другите улоги ќе настапат: Франциско Хименез Руиз (Шарл Бовари), Балаж Лочеи (Рудолф Буланже), Дмитро Чеботар (Трговецот Лере) и Ендру Кук (аптекар), заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Операта и балетот.

Ова балетско дело, поставено во два чина, ја раскажува драмата на женската душа, копнежот по страст, слобода и трагичниот судир со општествените норми.

Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, а музичката подлога е составена од дела на К. Сен-Санс, М. Равел, Ж. Масне, Ф. Менделсон и на Г. Ф. Хендл. Сценографијата и костимографијата се на Андреј Злобин и на Гана Ипатиева од Украина.

Втората изведба е закажана за 27 јуни, во 20:00 часот.

Даниела ТРАЈКОВСКА

 

ИЗДВОЕНИ