„Прилеп џез-викенд“, годинава, кога треба да го одржи своето 15. јубилејно издание, остана без поддршка од Министерството за култура?! Од Здружението за супкултура „ПП Џез-фестивал Прилеп“, кое го организира овој настан, велат дека по 14 години континуирана институционална поддршка, ваквата одлука не може и не смее да се третира како изолиран случај.
– „Прилеп џез-викенд“ не е експеримент, не е моментален проект, не е лична иницијатива без континуитет. Тоа е фестивал со историја, со публика, со јасна програмска визија и со препознатлив културен идентитет, кој повеќе од една деценија ја гради културната слика на Прилеп и пошироко“, велат од Прилепскиот џез-фестивал како реакција на резултатите од годишните конкурси за проекти во културата кои беа објавени во неделата. Оттаму поставуваат и прашање дали културната политика на државата свесно оди кон централизација, со што систематски се укинуваат или маргинализираат културните настани во помалите градови, дали континуитетот, квалитетот и публиката повеќе не се релевантни критериуми при распределбата на јавни средства и дали комисиите што одлучуваат се навистина независни и стручни, или селекцијата е по неформални критериуми и под нечиј вкус, притисок или диктат?
„Со вакви одлуки, културата надвор од главниот град не се развива – таа се гаси тивко, без објаснување и без одговорност“, додаваат од ова Здружение.
Реагираат и од „Лешочкиот камерен музички фестивал“.
– Како може да биде одбиен единствен мултиетнички фестивал во Македонија, на кој, на една сцена настапуваат и македонски и албански музички уметници, успешно реализиран пет години? Дали тоа не е од национален интерес и дали треба да градиме соживот или сите успешни манифестации да се растураат и да има поддршка само на фестивали во кои настапуваат само Албанци или само Македонци?, прашуваат од „Лешочкиот камерен музички фестивал“.
Реагира и Борче Панов, поет и светски афирмиран автор, чија книга „ДНК на пештерата“ – поезија, не е поддржана со програмата.
– Сакам јавно да прашам дали во Македонија има анатемисани и забранети писатели од издавачката комисија – писатели кои ја афирмираат државата насекаде во светот?!, посочува Панов, кој е награден со значајни европски и светски книжевни награди.
На актерката Весна Димитрова-Бобевски, пак, по втор пат ѝ е одбиена нејзината монодрама „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, како и одбележувањето на 35-годишниот актерски јубилеј. Таа во својата реакција на социјалните мрежи посочи дека проектот ќе го реализира и без поддршка, а монодрамата додава, веќе е поканета во Русија на фестивал…
Од Министерството за култура наведуваат дека во согласност со член 67 од Законот за културата, против решението може да се изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот на решението. (Д. Т.)












