– Овој голем христијански празник е длабоко врежан во нашата традиција и претставува симбол на заедништвото, верата и на почитта што нè поврзува низ генерациите. Оваа година одбележуваме 20 години од носењето на заедничката одлука и од прогласувањето на Свети Никола за градска слава и за заштитник на нашиот град, значаен јубилеј што ни дава уште поголема причина да се собереме и да празнуваме заедно – истакна прилепскиот градоначалник, Дејан Проданоски.
Прилеп ја враќа и традицијата на виткање мали посни сарми, со кои во 2009 година влезе во Гинисовата книга на рекорди со 80.191 приготвена посна мала сарма, за секој жител на градот по една

Прилеп се подготвува за јубилејната 20. прослава на градската слава Свети Никола, на 19 декември. Годинашни домаќини се прилепските компании „Матадор“ и „Бимфоод“.
– Овој голем христијански празник е длабоко врежан во нашата традиција и претставува симбол на заедништвото, верата и на почитта што нè поврзува низ генерациите. Оваа година одбележуваме 20 години од носењето на заедничката одлука и прогласувањето на Свети Никола за градска слава и за заштитник на нашиот град, значаен јубилеј што ни дава уште поголема причина да се собереме и да празнуваме заедно – истакна прилепскиот градоначалник, Дејан Проданоски.
Прилеп ја враќа и традицијата на виткање мали посни сарми, со кои во 2009 година влезе во Гинисовата книга на рекорди со 80.191 приготвена посна мала сарма, за секој жител на градот по една.
– На почетокот од неделава, прилепските здруженија на жени ќе ги виткаат малите посни сарми, како зацврстување на традицијата и на вредностите. Како домаќини, ги покануваме сите прилепчани и гости в петок, на 19 декември, напладне на посниот ручек. Во центарот на градот ќе бидат поделени како ланч-пакети посните јадења: грав, сармички и риба, а на сите ќе им биде понуден и пијалак. Чест е да се биде домаќин и да се продолжи традицијата – изјави Игор Стефанов, сопственик на компанијата „Матадор“, домаќин на градската слава.
Одбележувањето ќе започне в петок изутрина во 8:00 часот, со свечена литургија во храмот „Свето благовештение“.
Централното чествување ќе продолжи во 12:00 часот, пред параклисот „Свети Никола“ во центарот на градот, каде што ќе бидат извршени водоосветување и прережување на славскиот колач.
На плоштадот „Александрија“ ќе биде организирана традиционалната светиниколска посна трпеза, а празничниот амбиент ќе биде збогатен со настапот на музичката група „Тајфата“, на камената бина.












