Општинските власти во Прилеп за од 24 декември најавуваат богата програма со повеќедневни настани во рамките на манифестацијата „Прилепска празнична приказна“, во пресрет на пречекот на Нова година. Музички настапи, празничен базар на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“, многу новогодишни изненадувања и подароци, како и заеднички пречек на Нова година, се случувањата на кои ќе може да присуствуваат прилепчани.
– Настаните ќе се одвиваат секојдневно од 17:00 до 21:00 часот, до 30 декември, на плоштадот, каде што ќе биде големата бина. На 31 декември, при пречекот на Нова година, програмата ќе биде до 1:00 часот по полноќ. Свеченото отворање на „Прилепската празнична приказна“ ќе биде на 24 декември, в среда, со програма што опфаќа домашни музички ѕвезди и бендови. В четврток ќе настапи камерниот оркестар „Дива“ од Битола, в петок, 26 декември, диџеј и Владо Јаневски, в сабота програмата, главно, ќе биде наменета за најмладите, а вечерта ќе биде со музички настапи и со диџеи. В недела, меѓу другите случувања, ќе биде и „Винтер стрит фестивал карван“ од Скопје, в понеделник, 29, ќе настапат „Артриум“ и диџеј Вера Јанкович, за вторник, 30 декември, се предвидени настапите на „Калабалак“ и на „Љубојна“, а в среда, во пресрет на Нова година, ќе настапи Наум Петрески со бенд – информираше Снежана Ристеска, советник за култура во локалната самоуправа во Прилеп.
Сите денови, на плоштадот ќе има новогодишен базар со многу изненадувања и подароци. Во прославата се вклучува и прилепска „Витаминка“, која ќе прослави 70 години постоење во годината што доаѓа.
– Прилеп ја нуди „Празничната приказна“. Сакаме да воспоставиме традиција на новогодишни настани и убави моменти. Освен богатото украсување на градот, и овие настани ќе ја збогатат празничната атмосфера во градот – изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Општина Прилеп.












