„Дулсија сонант“ (Dulcia Sonant) е нововостановен фестивал во нашата земја и е прв што им е посветен на истражувањето и оживувањето на музиката од византиската, средновековната и од раноренесансната традиција.
Фестивалот, кој е во организација на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам.
– Во рамките на првото издание на фестивалот, во два последователни концерта ќе оживее звукот на едно одамна замолчено време, преку ретки инструменти, древни напеви и извонредни интерпретации – посочуваат од прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“.
Притоа, на 16 октомври, со почеток во 20:00 ч., во киното „Мис Стон“ ќе се одржи концертот „Помеѓу Кукузел и Палестрина“, а ќе настапат два црковни хора – „Света Петка“ и „Пелагонитиса“, кои под диригентство на Гоце Секулоски ќе создадат звучен мост меѓу Истокот и Западот, спојувајќи ги византиската духовност и ренесансната полифонија.
На таа локација, со почеток во 20:00 ч., ќе следува (17 октомври) концертот „Средновековни еха“. Тој ќе претставува редок музички дијалог помеѓу човечкиот глас и древниот инструмент – портативна оргула од 14 век, на која ќе настапи Кристина Алис Раурих од Шпанија, музичарка и истражувачка, која прва во светот направила реконструкција на портативната оргула од 13 век. Со неа настапува Ана Митоска од Македонија како вокал, во програма што нè носи низ звучните пејзажи на средновековната Иберија.
– Фестивалот „Дулсија сонант“ отвора ново поглавје во музичкиот живот на Прилеп и на Македонија, едно патување низ вековите, од мистичните византиски напеви до раскошниот звучен израз на раната ренесанса – додаваат од Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Влезот за концертите е слободен.