На 20 ноември, во 20:00 часот, во Музеј на град Скопје ќе се отвори изложбата „Приказни од маргините“ на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ.

-„Приказни од маргините“ е изложба што ги осветлува разновидните, занемарени простори на рабовите на општествената свест, преку  интерактивни инсталации кои ја комбинираат визуелната и наративната форма. Таа го користи краткиот расказ како преносител на гласови од и кон маргината, како инструмент кој испраќа сведоштва од оние од другата страна на границите на видливоста. Со посредство на литературата која станува медиум за комуникација меѓу центарот и маргината, создава мрежа на присуства меѓу оној што може да зборува и оној што (најчесто) не се слуша.
Изложбата претставува евокативни анимации кои ја доловуваат специфичноста на одредена локација и неговите жители. Секое дело функционира како подвижна слика, овозможувајќи поглед кон одредена маргина, без разлика дали е географска, културна, политичка или економска. Делата се претставени во форма на интерактивни инсталации, цртежи во продолжение, илустрирани свитоци што посетителите ги одмотуваат активирајќи ги различните приказни и судбини на маргиналците од различни општествено сегменти. Истите стриповски се развиваат базирани на приказните од седум кратки раскази од неколкумина писатели од земјата и регионот.   Расказите „Oдбивање“ и „Одрон“ од Стефан Алијевиќ, „9:15“ од Николина Андонова Шопова, „Покана за дејт“ од Петар Андоновски, „Пловење по Дунав“ од Румена Бужаровска, „Задоцнетиот подарок“ од Георги Господинов; и „Вила Тибериа“ од Теа Тулиќ пренесуваат дел од секојдневието  на оние кои се невидливи, на оние што живеат во меѓупросторите на општеството, политиката и економијата, се посочува кон изложбата.

Уметничката практика на Ѓорѓе Јовановиќ (1980) се развива низ експериментални и интердисциплинарни пристапи кои го истражуваат односот меѓу поединецот и општествените процеси на интеграција и дезинтеграција. Неговото творештво, често втемелено во специфични социјални, политички и урбани контексти, ги адресира кревките структури на современото живеење, редефинирањето на универзалните вредности и трансформациите што ги обликуваат идентитетите и колективните наративи. Неговите самостојни изложби се презентирани во различни меѓународни и локални институции. Добитник е на повеќе  награди и професионални признанија меѓу кои: наградата Денес за млад уметник (2009), награда за видео на меѓународниот фестивал „Алтернативен филм/Видео“ (Белград, 2009) наградата за Најдобар млад уметник на 10. Биенале на млади уметници во МСУ Скопје (2013).

ИЗДВОЕНИ