Документарецот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, кој е годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм, деновиве се прикажува во Киноверзумот во Велес.

Од Киноверзумот за весникот ВЕЧЕР потврдија дека филмот има три проекции на ден и дека на 25 септември премиерно бил прикажан во ова кино, иако на веб-страницата е ставен датумот 22 септември за негово премиерно прикажување.

Прашани дали има посетеност на проекциите, оттаму рекоа дека има по неколку посетители и дека филмот ќе се прикажува и на 27 септември, а, можеби, и в недела, 28 септември.

Во најавата за филмот на веб-страницата на Киноверзум, во делот на содржина пишува: „Врската на еден земјоделец со бел штрк се испреплетува со северномакедонскиот фолклор“.

На прес-конфренцијата која се одржа минатата недела (18 септември) во Скопје и на која присуствуваа режисерката и продуцентка Тамара Котевска, продуцентот Јорданчо Петковски и монтажерот Мартин Иванов, на новинарско прашање кога ќе има можност македонската јавност да го види филмот, не беше даден одговор.

Инаку, според пропозициите на американската Академија за филмски уметности и науки, кандидатот за номинација во категоријата најдобар интернационален филм мора да се прикажува јавно најмалку седум последователни дена во комерцијална киносала во земјата на потекло од која е избран за кандидат.

Да потсетиме, третиот документарец на Котевска е откупен од еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни остварувања, „Нешнл џиографик документари филмс“. Откупот значи дека „Приказната за Силјан“ станува дел од глобалниот каталог на еден од најреномираните дистрибутери на документарни филмови во светот. Тоа му овозможува на филмот, преку каналите на „Нешнал џеографик“ и на „Дизни+“ и со силна маркетинг и фестивалска поддршка, да стигне до публиката во преку 170 земји.

Со ова, филмот сега е во двојна трка за номинација за наградата „Оскар“ – и во категоријата за документарци и во категоријата за најдобар интернационален филм.

Документарецот ја следи судбината на Никола, земјоделец што, по тешка криза, останува сам и на депонија наоѓа бел штрк со повредено крило. Инспириран е од позната македонска бајка „Силјан Штркот“ од 17 век. Како што изјави режисерката, филмот, всушност, започнал како истражување за миграцијата на штрковите, кое треба да послужи за нејзиниот игран филм „Човек против јато“. Откако бил снимен целиот документарен материјал, била најдена таа форма во која била вклучена бајката за Силјан Штркот.

ИЗДВОЕНИ