„Приказната за Силјан” на Тамара Котевска вечерва премиерно пред македонската публика

637

Документарецот „Приказната за Силјан” на Тамара Котевска по серијата меѓународни фестивалски прикажувања, признанија, награди и номинации, вечерва, во Македонскиот народен театар за првпат премиерно се прикажа пред домашната публика, односно ја имаше својата македонска премиера.

Фото: П. Стојановски

 

Емотивната приказна за миграцијата, за отуѓеноста од семeјството, за поврзаноста со родната грутка беше наградена со силен аплауз од публиката.

На крајот на проекцијата, покрај режисерката Котевска која е и продуцентка, пред присутните се поклони и дел од екипа која работеше на филмот, меѓу кои и продуцентот Јорданчо Петковски и монтажерот Мартин Иванов, но и дел од протагонистите во документарецот како Никола Цонев и Јана Цонева.

-Не можам да ја опишам возбудата која ја чувствуваме сите овде вечерва. Без  разлика каде бев, не постои чувство кое ќе ми го замени овој настан пред домашната публика. Ова е моја најголема гордост. Овој филм настана за нашата публика и мило ми е што го виде светот, но повеќе ми е мило што денес го видовте сите вие и ќе го гледа цела Македонија. Бидејќи планираме да има премиери и проекции во секој град бидејќи сметам дека луѓето од помалите места и тоа како заслужуваат да го видат овој филм и воопшто да гледаат филмови, рече по проекцијата режисерката Тамара Котевска.

Додаде дека луѓето како Никола и неговото семејство ѝ даваат смисла на животот и затоа прави приказни за нив.

-Приказните особено од поскриените места низ Македонија ми се посебно драги, сакам да ги промовирам и да бидам дел од сето тоа. Дел од тие светови делуваат заборавено, но всушност се суштината на нашата култура и ни ги чуваат корените на сите. Особено сум горда на оваа екипа која се бореше од почеток до крај без никакви финасии во поголем дел од времето, бидејќи финансиите покасно дојдоа. Посакувам некои работи кои ги видовте во филмот да се сменат засекогаш, но исто така посакувам некои други да не се сменат никогаш, додаде Котевска.

На премиерата на „Силјан“, за која се бараше билет повеќе, присуствуваат бројни претставници на државниот врв, но и познати личности од културниот и општествениот живот на нашата земја.

Филмот, инспириран од познатата македонска бајка „Силјан штркот“, ја следи судбината на Никола, земјоделец, кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа  штрк со повредено крило, на кој решава да му помогне. Нивниот кревок, полека граден однос со доверба се претвора во спасоносна врска која му враќа смисла на Никола, ги обновува врските со заедницата и ги буди старите преданија и односот кон природата.

„Приказната за Силјан” е визуелно силен и медитативен филм за издржливоста, грижата и малите дела кои менуваат животи. Во документарецот како протагонисти се појавуваат Никола Цонев, Јана Цонева, Илина Цонева, Александар Цонев, Александра Цонева, Стојче Филипов, Иле Стојковски.

Остварувањето е копродукција на американската „Конкордија“ со британската „Корнершоп“, а продуценти се Котевска, кинематограферот Жан Дакар, Јорданчо Петковски и Ана Хашми. Монтажата е изработена од Мартин Иванов. Оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на Ханс Цимер.

Како што е најавено, по божиќните празници, филмот ќе продолжи да се прикажува во Скопје и низ останатите македонски градови.

Македонскиот кандидат за „Оскар“ за 2025 веќе ја започна својата кинодистрибуција низ светот. Откупен од еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни филмови во светот, „Нешенал џеографик документари филмс“, има можност да стигне до публика во над 170 земји преку каналите на „Нешнал џеографик“ и на „Дизни+“. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ