Неколку недели откако беше оставен сам на снегот и мразот, 11-годишникот од северна Италија, доживеа момент што ќе го памети цел живот – тој стоеше на свеченото отворање на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина и гледаше како се крева италијанското знаме на јарболот.
Целата приказна почнува на 27. јануари кога детето беше исфрлено од локален автобус во провинцијата Белуно, откако возачот одбил да го превезе, бидејќи немало специјален „олимписки билет“. Иако поседувало редовна карта, не била признаена поради посебниот режим на превоз за време на Олимпијадата. Во услови на минусни температури и снег, момчето било принудено само да пешачи шест километри за да се врати дома.
Случајот брзо ја вознемири италијанската јавност. Родителите поднесоа пријава, институциите отворија истрага, а автобусната компанија го суспендираше возачот додека трае постапката. Многумина прашаа – каде исчезна човечноста кога станува збор за дете?
По силната реакција во јавноста и медиумското внимание, организаторите на Зимските олимписки игри решија да испратат поинаква порака. Детето беше официјално покането на свеченото отворање во Кортина д’ Ампецо, каде што, заедно со италијанските скијачки легенди Фулвио Валбуса, Кристијан Зорци, Џорџо Ди Чента и Пјетро Пилер Котрер – олимписки шампиони од Торино 2006 – ја следеше церемонијата на кревање на националното знаме.
Од осаменост и страв на снежна патека, до аплауз и светлина на олимписка сцена – оваа приказна стана симбол дека грешките не смеат да се заборават, но и дека општеството има обврска да ги исправи.
Олимписките игри, покрај спортот, повторно потсетија на нивната суштинска порака: човечност, солидарност и надеж.












