четврток, февруари 26, 2026
Дома СКОПСКА Приказна за напредната визија на основачот Станко Караман

Приказна за напредната визија на основачот Станко Караман

166

Годинава, скопската Зоолошка градина слави 100 години од своето постоење. Нејзин основач е биологот, научник и визионер Станко  Караман. Во октомври 1926 година, тој ја поставил основата на Зоолошката градина, во рамките на Градскиот парк. Неговата визија била јасна и напредна за тоа време, ЗОО Скопје да биде современ простор за едукација, научен пристап и за хуман однос кон животните.

– Во период кога ваквите концепти биле реткост, Зоолошката градина била замислена како живо училиште на отворено, место каде што генерации деца и возрасни ќе учат да ја разбираат и почитуваат природата. Паралелно со тоа, Караман има значајна улога и во развојот на Природонаучниот музеј на Македонија, заокружувајќи ја својата идеја во која науката и јавниот интерес одат рака под рака. Заедно со музејот и со Зоолошката градина, тој е основач и на Градскиот парк во Скопје – наведуваат од управата на Зоолошката градина.

Како истакнат зоолог, Караман верувал дека науката, едукацијата и хуманиот однос кон животните мора да бидат достапни за јавноста и вградени во секојдневниот живот на градот.

Дошол во Македонија во 1924 година, работејќи на ихтиофауната и  објавувајќи ја својата студија „Pisces Macedoniae“. Објавил повеќе од 120 научни труда во кои ја обработил таксономијата на рибите, птиците, влекачите и на многу групи од раковидните организми. Најголемиот број од новоопишаните видови и подвидови го носат името Македонија, реката Вардар и големите планински масиви во Македонија. Опишал повеќе од 60 вида и подвидови. Основач е и на музејските списанија „Acta“ и „Fragmenta balkanica“.

По 100 години постоење, Зоолошката градина – Скопје останува живо наследство на идејата на Станко Караман, визија што од 1926 година до денес ја негува истата вредност: знаењето, почитта и грижата за природата се темел на одговорно општество.

 

ИЗДВОЕНИ