Во недела, на денот на првиот круг од Локалните избори, канцеларијата на Народниот правобранител ќе ја активира бесплатната телефонска линија 0800-54321, на која граѓаните од 7 до 19 часот ќе можат да пријават повреди на избирачкото право.
Пријави ќе може да се поднесат и лично во сите седум канцеларии на Народниот правобранител – во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, како и на локалните телефонски броеви објавени за секој град.
Од институцијата информираат дека ќе се преземаат итни мерки за заштита на правата на гласачите, а потсетуваат дека избирачкото право е уставно загарантирано и дека секоја негова повреда претставува казниво дело. Народниот правобранител апелира до сите учесници во изборниот процес да постапуваат одговорно и да ги почитуваат здравствените протоколи за гласање.