
Возачите на Ферари по трет пат победија на трката „24 часа Ле Ман“. Автомобилот на Ферари со број „83“ во составот на Роберт Кубица, Је Јифеи и Филип Хансон ја постигна 12. победа за италијанскиот тим на 93. издание на познатата трка, која многумина ја сметаат за најтешка во светот.
– Тоа беа долги 24 часа. Уживајте! – рече Кубица по трката, преку радио, до својот тим, заблагодарувајќи му се на италијански.
Тој е првиот полски возач што ја освоил титулата во генералниот пласман на „Ле Ман“, а Је е првиот возач од Кина што триумфирал на оваа позната трка.
Можеби, ова би биле обични спортски вести ако не стануваше збор за легендарниот полски возач, кој имаше блиска средба со свети Петар, пред 14 години. На 6 февруари 2011 година, Кубица доживеа страшна несреќа на релито „Ронда ди Андора“ во близина на Џенова, и е вистинско чудо што преживеа.
Познатиот возач ја загуби контролата врз својата „шкода фабија“, излета од патеката и удри во заштитната ограда. Дел од оградата го прободе автомобилот и помина низ багажникот. Глетката беше застрашувачка. Несреќниот Кубица беше заробен во автомобилот еден час, загуби многу крв и неговиот живот висеше на конец. Со хеликоптер беше префрлен во болницата „Санта Корона“ во Италија, каде што лекарите се бореа со часови да го спасат. Имаше внатрешно крвавење, скршена десна нога, повеќекратни скршеници на раката, која му беше целосно згмечена. Подоцна се дозна дека имал дури 42 скршени коски. Операцијата на несреќниот Полјак траеше седум часа. Лекарите вложија натчовечки напори да ја спасат неговата тешко повредена рака и, конечно, успеаја.
– Всушност, не се сеќавам многу бидејќи долго време бев во кома. Пристигнав во болница со литар и пол крв, а човечкото тело има шест или седум. Десната страна од моето тело беше целосно уништена. Имав 42 фрактури и сè беше скршено, од прстот на ногата до лакотот – откри тој.

По операциите, следуваше долго и мачно закрепнување.
– Беше ужасен период. Но, човекот е посилен кога страда психички отколку физички. Дури и во најтешкиот период, имав добри моменти и секоја операција ја дочекував со нова доза оптимизам. Кога се разбудив, се чувствував сосема поинаку од она што го очекував. Беше како некој да ми забодел нож во градите. Тогаш се запознаваш себеси и почнуваш да менуваш сè. Твојот мозок ги учи границите и ги прифаќа. Мора да се рестартираш, не можеш само да се освежиш и да се вратиш таму каде што си бил. Едноставно, мора да почнеш да градиш од она што ти останало. Ако земеме предвид дека не одев три месеци, а уште два поминав во инвалидска количка, би се рекло дека почнав да возам многу брзо – откри Роберт.
Споменатата несреќа не е единствената што ја има преживеано во својата кариера. Во 2007 година, тој имаше страшен судир на трката за Големата награда на Канада во Формула 1, но помина без поголеми последици, иако несреќата изгледаше морничаво.
Прославениот возач стана инспирација за многумина, бидејќи по сè што помина, се врати во Формула 1. Од 2018 година беше резервен возач за Вилијамс, а потоа се пресели во тимот на Алфа, за кој настапуваше до 2023 година.