Македонското друштво „Сонце“ продолжува со промоцијата на македонски традиционални носии, во чии рамки претседателот на друштвото, Васил Стерјовски, беше во гимназијата „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“ во Пустец.
Тој им ги претстави на учениците и на професорите во училиштето машките носии од Преспа, но и брошурата за народните носии, чиј автор е токму тој, при тоа посочувајќи дека со „гордост го претставуваат ова достигнување за нашиот македонски идентитет“.
– Македонската заедница во регионот Корча го зачува своето јазично и културно наследство со посветеност и достоинство. Регионот на Преспа, со девет села во рамките на Општина Пустец и селото Врбник во Општина Девол, претставува историски центар на оваа домородна заедница, официјално признаена од албанската држава – истакна Стерјовски.
Според него, и покрај политичките, социјалните и економските предизвици низ годините, оваа заедница им останала верна на својот јазик, традициите, религиозните обреди, фолклорот и на вредностите пренесувани од генерација на генерација.
Додаде дека традиционалната македонска носија од Преспа е одраз на занаетчиството, единствената естетика и на длабоката духовна симболика.
Нагласи дека традиционалната македонска носија од Преспа не е само облека туку и знак на идентитет и гордост, симбол што добива целосно значење кога се прикажани маж и жена облечени заедно, одразувајќи ги семејното единство, социјалната хармонија и континуитетот на преспанската традиција.
– Традиционалната народна носија за мажи во Преспанскиот Регион што ја презентираме претставува драгоцено културно наследство, каде што секој елемент носи специфична функција и симболика. Оваа носија, која беше речиси загубена во областа, е пресоздадена благодарение на проучувањето стари фотографии и консултациите со експерти од областа, враќајќи ја во нејзината оригинална форма што се користела сè до по Втората светска војна – вели Стерјовски.
Притоа потсети дека минатата година, Македонското друштво „Сонце“ репродуцирало четири женски народни носии од областа на Преспа, кои сега ги користи фолклорна група од Преспа.
– Со додавањето на четирите машки носии што ги претставиме, се создава комплетна фолклорна група, која достојно ќе го претставува преспанскиот крај на разни активности дома и во странство – рече Стерјовски.
На настанот присуствуваа и се обратија и заменик-градоначалникот на Општина Пустец – Атанас Плоча, директорот на гимназијата – Трајан Вангеловски, како и Лазо Стојани, раководител на фолклорната група „Преспа“.












