Од „Макамтранс“ најавуваат целосна блокада на товарниот сообраќај – се бара одложување на ЕЕС-системот, во спротивно се заканува колапс на транспортот и на економијата. Протестот за излез од државата започнува утре во 12:00 часот, а за влез во 24:00 часот, со цел домашните превозници што се враќаат да стигнат до своите бази. Блокадата може да трае еден ден, доколку има соодветен одговор од Европската Унија, во спротивно, најавено е дека ќе трае до седум дена

 

Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора утре на пладне започнуваат протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила, сè до надминување на проблемот со евиденцијата на престојот на возачите во Шенген- зоната.

Од асоцијацијата „Макамтранс“ информираа дека ќе бидат блокирани граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење, при што ќе се затворат граничните терминали и коловозните ленти исклучиво за товарен сообраќај, додека патничкиот сообраќај ќе се одвива непречено.

Протестот за излез од државата ќе започне во 12:00 часот, а за влез во 24:00 часот, со цел домашните превозници што се враќаат да стигнат до своите бази. Блокадата може да трае еден ден, доколку има соодветен одговор од Европската Унија, во спротивно, најавено е дека ќе трае до седум дена.

Во договор со здруженијата од регионот, ќе биде дозволен премин само за возилата што превезуваат лекови, жива стока, муниција и експлозив. Протестот, по барање на организаторите, ќе го обезбедува полицијата.

Претседателката на асоцијацијата „Макамтранс“, Билјана Муратовска, предупредува дека новите правила претставуваат директен удар врз транспортниот сектор и врз економијата.

– Возачите се третирани како криминалци – ги приведуваат, ги депортираат, а камионите остануваат необезбедени. Сите трошоци паѓаат на товар на превозниците. Ова е неодржливо и е потребна итна реакција од Брисел – изјави Муратовска.

Таа додава дека исполнувањето на барањата на превозниците би значело пониски трошоци, поголема конкурентност и стабилност на регионалната економија, нагласувајќи дека Западен Балкан не смее да биде тесно грло на европските транспортни коридори.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изјави дека Владата целосно го разбира револтот на превозниците и веќе една година разговара со Европската комисија за надминување на проблемот.

– Формално правилата се исти, но практично не се. Превозниците не се туристи, туку луѓе што работат и транзитираат низ ЕУ. Ова ќе значи смрт за транспортниот сектор и сериозен удар за извозната економија – истакна Николоски, апелирајќи до ЕУ за одложување на примената на новиот систем.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, предупреди дека новите правила ќе имаат исклучително негативно влијание врз бизнисот и врз странските инвестиции.

– Новите правила не решаваат ништо за ЕУ, а кај нас создаваат сериозни проблеми. Реакциите ќе се шират во сите погодени земји. Очекувам повлекување на одлуката, иако не брзо – изјави Азески, додавајќи дека странските инвеститори веќе реагираат остро.

Слични пораки доаѓаат и од превозниците од регионот. Српските транспортери предупредуваат дека ЕЕС-системот ќе ја парализира меѓународната логистика, додека од Босна и Херцеговина велат дека веќе се депортирани десетици возачи поради надминување на дозволениот престој. Црногорските превозници порачуваат дека без итно решение, „транспортниот бизнис ќе стане неисплатлив“.

Од „Макамтранс“ апелираат за солидарност и за поддршка од целата јавност.

– Превозниците не бараат привилегии, туку фер услови за работа и еднаков третман. Ова е тест за европската солидарност – порачуваат од асоцијацијата.

(С. Бл.)

Рамка:

Н: Нов услов за влез во ЕУ: ETIAS задолжителен за сите патници

 

Граѓаните на Македонија и на другите земји што немаат потреба од Шенген-виза наскоро ќе се соочат со ново правило за влез во Европската Унија. Станува збор за ETIAS – електронска дозвола за патување, која ќе биде задолжителна без разлика дали патувате со автобус, воз, автомобил или со авион.

 

Иако како можен рок за почеток на примената се споменува крајот на 2026 година, точниот датум сè уште не е официјално потврден. Она што е сигурно е дека без важечка ETIAS-дозвола, влезот во земјите на ЕУ ќе биде одбиен.

Дозволата не е виза, туку дополнителна безбедносна проверка, ќе се аплицира онлајн и ќе чини 20 евра, а ќе важи до три години или до истекот на пасошот. Секој патник, вклучително и децата, ќе мора да поседува своја ETIAS-дозвола.

Безвизниот режим останува на сила – престој до 90 дена во Европската Унија е и понатаму дозволен, но само со претходно одобрена ETIAS-дозвола – пренесува „Бизнис-портал“.

 

ИЗДВОЕНИ