Двата македонски аеродроми во 2025 година опслужија вкупно 3,5 милиони патници, што претставува раст од 9% во однос на претходната година. Зголемувањето е евидентирано и кај бројот на реализирани летови, кои се зголемени за 4%. Според ТАВ Македонија, резултатите се должат на инвестициите во инфраструктурата, проширувањето на мрежата на авиолинии и зголемената побарувачка за патувања. Од март 2026 година се најавува дополнително проширување на авиосообраќајот со нови дестинации од Скопје и Охрид.

Двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид, ја заокружија 2025 година со силни и позитивни резултати, опслужувајќи вкупно 3,5 милиони патници, што претставува зголемување од 9 проценти во споредба со 2024 година. Според информациите од ТАВ Македонија, во текот на годината, преку двата аеродроми се реализирани 26.500 летови, што е за 4% повеќе во однос на претходната година, во периодот од јануари до декември 2025 година преку двата аеродрома патувале вкупно 3.475.288 патници.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакнува дека остварениот раст не е случаен и е резултат на долгорочна стратегија, континуирани инвестиции и цврсти партнерства со авиокомпаниите.
– Зголемувањето од 9% на бројот на патници и растот од 4% на летовите се директна потврда дека вложувањата во модернизација на инфраструктурата, унапредување на оперативната ефикасност и проширување на мрежата на авиолинии даваат конкретни и мерливи резултати. Новите дестинации, континуираната соработка со авиокомпаниите, зголемената побарувачка за патувања и посветеноста на нашите вработени овозможија стабилен и одржлив раст. Овие резултати ја зацврстуваат позицијата на македонските аеродроми како сигурни и конкурентни регионални воздухопловни центри и ни даваат силна основа за уште поамбициозен развој во наредниот период – изјави Курт.

Особено изразен раст е забележан во декември 2025 година, кога двата аеродроми опслужиле 294.781 патници, што претставува двоцифрен пораст од 25% во споредба со истиот месец една година претходно. Во истиот период реализирани се 2.019 летови, што е за 7% повеќе од декември 2024 година.
Стабилен пораст бележи и дневниот просек на патници. Меѓународниот Аеродром Скопје во 2025 година дневно опслужувал во просек 8.786 патници, што е за 9% повеќе во однос на 2024 година, додека преку охридскиот аеродром дневно патувале 767 патници, што претставува зголемување од 16,3%.
Одделните анализи покажуваат дека преку скопскиот аеродром во текот на 2025 година патувале 3.211.419 патници, што е раст од 8,7%, додека Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид бележи значителен двоцифрен пораст од 20% со 263.869 опслужени патници.

Истанбул бил најфреквентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје во текот на целата 2025 година, со пазарен удел од 16,6% кон аеродромите ИГА и Сабиха Гокчен. Следуваат Базел-Милуз (6,2%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,5%) и Минхен-Меминген (4,2%). Најзастапени земји во директниот авиосообраќај се Германија со 25,4% пазарен удел, Турција со 23,6%, Швајцарија со 10,8%, Италија со 5,5% и Шведска со 4,3%.
Според најавите на авиокомпаниите, од март 2026 година се очекува дополнително проширување на мрежата на авиолинии. „Виз ер“ ќе воведе нова линија од Скопје до Неапол и повторно ќе лета до Будимпешта, додека од Охрид ќе се воспостави линија до Милано. Во мај, „Аустриан ерлајнс“ ќе започне летови од Охрид до Виена, а во јуни ќе се воспостават и линиите од Вроцлав и Катовице, со што повторно се очекува зголемен број полски туристи во Охрид.
Во моментов, од Меѓународниот Аеродром Скопје летаат 15 авиокомпании кон 49 дестинации, додека од охридскиот аеродром три авиокомпании опслужуваат седум дестинации.
(С.Бл.)












