Вкупно 1,5 милиони патници (1.529.451) опслужиле двата македонски аеродрома, во првите шест месеци годинава, при што порастот во однос на истиот период лани е 5 отсто. Во истиот временски период, бројот на летови е зголемен за 3 проценти, или македонските аеродроми опслужиле вкупно 12.235 летови.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, вели дека врз основа на барањата на патниците, се цели кон туристички дестинации на шпанското и италијанското крајбрежје, како и европски престолнини важни за нашите економски, дипломатски и културни врски со земјите на поврзување. Тој очекува стабилниот пораст на патничкиот сообраќај да продолжи и до крајот од годината
Вкупно 1,5 милиони патници (1.529.451) опслужиле двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром „Скопје“ и Аеродромот„ Свети Апостол Павле“ Охрид во првите шест месеци годинава, при што порастот во однос на истиот период лани е 5 отсто. Во истиот временски период, бројот на летови е зголемен за 3 проценти, или македонските аеродроми опслужиле вкупно 12.235 летови.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, вели дека осумте нови редовни авиолинии – Амстердам („Трансавиа“), Париз-Орли („Езиџет“), Лион („Визер“), Барселона („Визер“), Анкара („Аџет“), Чукурова („Аџет“) и Дијарбакир („Аџет“) од Скопје и Истанбул („Туркиш ерлајнс“) од Охрид, што беа отворени на почетокот на годинава, придонесоа за стабилниот пораст на патничкиот сообраќај.
– Покрај редовните и сезонските авиолинии, кон порастот придонесоа и до крајот на годинава ќе продолжат да придонесуваат и чартер-линиите на „Фрибрд“, кои носат туристи од 13 европски градови. Како раководство на ТАВ Македонија, продолжуваме да работиме на отворање нови авиолинии и привлекување нови авиокомпании со цел да почнат да летаат од македонско тло, за да создадеме повеќе разновидни можности за патување за нашите граѓани, како и за граѓаните од соседството. Врз основа на барањата на патниците, целиме кон туристички дестинации на шпанското и италијанското крајбрежје, како и европски престолнини важни за нашите економски, дипломатски и културни врски со земјите на поврзување – вели Курт.
ТАВ Македонија очекува стабилниот пораст на патничкиот сообраќај да продолжи и до крајот од годината.
– Специјален позитивен стимул кој ќе придонесе кон годишните бројки на кумулативен авиосообраќај секако ќе има летниот период. Само во јуни скопскиот и охридскиот аеродром имале за 12% повеќе патници (324.285) во однос на истиот период во 2024 година – нагласи Курт.
Полугодишните статистички податоци на ТАВ Македонија покажуваат дека во првите шест месеци најфрекфентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје е Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 17,1% пазарен удел), а потоа следуваат Базел Милуз (6,6%), Франкфурт (5,7%), Цирих (5%) и Минхен – Меминген (4,6%), Дортмунд (4,5%) и Виена (3,9%).
Топ-пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (26,5% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (22,6%), Швајцарија (11,6%), Италија (5,4%) и Шведска (4,2%).
Ако се разгледуваат бројките за двата аеродрома одделно, скопскиот аеродром има годишен пораст за 4,47% и во првите шест месеци годинава преку него се превезени вкупно 1,423,039 патници, додека аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 10,9% со превезени 103.792 од јануари до јуни.
Новите авиодестинации направија скок од 20% во туризмот
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, е задоволен што како резултат на воведувањето на 11 нови авиодестинации има силно темпо на пораст на туризмот од 20 проценти, споредено со минатата година.
– Скопје е веќе ставен на светската мапа како број 1 град за туризам, а Охрид е број 2. Тоа за мене е логично затоа што начинот на туризам се менува и сè повеќе луѓе патуваат да ги видат големите центри. Само во мај имаме за 101 илјада повеќе туристи отколку во мај лани – вели Николоски.
Откако Македонија доби позитивно мислење од УНЕСКО за реконструкција за аеродромот во Охрид, Николоски вели дека по завршување на туристичката сезона, од октомври ќе почне и реконструкцијата на аеродромот.
(С.Бл.)