Превентивно се повлечени од пазарот на одредени серии формули за доенчиња од брендот „Аптамил“ откако тоа го побара Агенцијата за храна и ветеринарство врз основа на информации добиени преку европскиот Систем за брзо предупредување за храна и храна за животни (RASFF).

– Направена е итна инспекциска контрола кај увозникот на производите, од кој АХВ доби и официјално известување дека од пазарот веќе се повлечени производи опфатени со нотификациите и дека е извршено и нивно отповикување. Повлекувањето се однесува на ограничен број серии кај кои постои можност за присуство на цереулид – информираа од АХВ.
Производи опфатени со повлекувањето се APTAMIL AR 2, APTAMIL PRONUTRA 2 и APTAMIL PRONUTRA 1.
– Апелираме потрошувачите кои имаат купено од наведените производи со дефинираните сериски броеви и рокови на употреба, истите да не ги користат, нештетно да ги уништат, или да ги вратат на местото од каде се купени – велат од АХВ.












