Оралното здравје е составен дел од општото здравје и има големо значење за правилниот раст и развој на детето. Затоа февруари, традиционално, се одбележува како месец на подигање на свеста за оралното здравје, со акцент на децата. Здравите заби и непца се важни за правилен раст и развој, за правилен говор и за самодоверба. За ова, за весникот ВЕЧЕР, разговараме со д-р Стојанче Димитриевски, стоматолог педадонт во Општата болница со проширена дејност во Гевгелија. Како стоматолог работи цели 37 години, а во Одделението за детска и превентивна стоматологија е веќе 25 години, како специјалист по детска и превентивна стоматологија ,т.е. педодонт.

*Докторе, од Вашето долгогодишно искуство, каква е состојбата со забите кај децата во Гевгелија, а со тоа и во Македонија воопшто?

– За жал, состојбата со забите на децата на шестгодишна возраст на подрачјето на Општина Гевгелија, па и пошироко, би рекол, не е добра. Според едно истражување, во нашата земја само околу 20 % од шестгодишниците немаат кариес на забите, што значи дека 80 % имаат барем еден заб со кариес. А, во таа возраст се појавуваат првите трајни молари (шестките) и почнуваат да се менуваат првите млечни предни заби (секачи инцизиви) со трајни и тие никнуваат во една контаминирана средина (расипани млечни заби) што претставува голем ризик за нивно расипување.

*Која е улогата на забите и што се случува кога е нарушено нивното здравје? На пример, говорот и правилното формирање на вилиците и на самото лице?

– Значењето на оралното здравје подразбира многу повеќе од здрави заби. Нарушеното здравје на устата и на забите негативно влијае на општото здравје, но предизвикува и тешкотии при џвакањето, голтањето и варењето на храната, а тоа претставува губење на самодовербата. Отсуството на еден или на повеќе заби може да предизвика проблеми со варењето на храната, говорот и со изгледот и на тој начин влијае на менталното и на физичкото здравје на детето. Да не зборуваме дека е од големо значење улогата на забите во правилното формирање на вилиците и на самото лице.

*Февруари е месец на оралното здравје кај децата, а улогата на млечните заби е незаменлива. Која е нивната улога?

– Првите млечни заби почнуваат да никнуваат во шестиот месец и до крајот на триесеттиот детето треба да ги има сите заби (млечни), вкупно 20 на број. Но, без разлика што ги викаме „млечни“, тие се подеднакво важни како и трајните заби. Млечниот заб треба да остане во устата сè до моментот кога треба да се смени со својот траен заб заменик, па макар да има останато делови од него (остатоци – коренчиња), кои, сепак, го чуваат просторот за трајниот заб. Секое предвремено вадење млечен заб може да го наруши никнувањето на трајниот заб и да дојде до формирање на т.н. ортодонтска аномалија, која понатаму потешко се лекува.

*Кога никнуваат трајните заби?

– Трајните заби почнуваат да никнуваат во шестата година и тоа се првите трајни молари (шестките) за кои се вели дека се заби диригенти, од кои зависи како ќе никнат сите други трајни заби и како ќе се распоредат во забната низа.“

*Која е улогата на исхраната во одржувањето здрави заби кај децата?

– Исхраната има многу голема улога во одржувањето на здравите заби кај децата, но и на меките ткива во устата. Под правилна исхрана се подразбира консумирањето разновидна храна, односно овошје, зеленчук, млеко, сите млечни производи, месо, месни производи, риба, житарки и друго. Храната што се зема подобро е да биде цврста за да има подобро џвакање, повеќе се лачи плунка, која помага во соџвакувањето на храната, формирањето на залакот и полесно негово голтање. Но, во плунката има и ензими што учествуваат во варењето на храната уште во усната шуплина. Плунката учествува и во самочистењето на забите и на меките ткива. Меката храната е леплива, се лепи за површината на забите, нема добро џвакање и не се лачи доволно плунка. Храна богата со шеќери (чоколади, бонбони, колачи и др.) се јаде по главното јадење, а не меѓу оброците. По јадењето храна богата со шеќери, забите треба веднаш да се исчеткаат или доколку нема услови за тоа, доволно е да се изеде едно јаболко или да се џвака мастика, но без шеќер во својот состав.

*Како го спречува правилната хигиена расипувањето на забите?

– За добра орална хигиена, потребно е секое дете да има сопствена четкичка за заби и детска паста за заби што содржи флуор. Тоа е елемент што, преку микропорите на површината на забот, навлегува во тврдата забна супстанција (емајл и дентин), се врзува за нивната хемиска структура и го прави забот поотпорен на расипување (односно на дејството на киселините и на бактериските токсини присутни во устата). Четкањето на забите треба да биде редовно, правилно и доволно долго. Под редовно се подразбира четкање на забите и на меките ткива во устата два пати дневно, и тоа на наутро и навечер пред спиење. Многу е важно четкањето на забите пред спиење, бидејќи во текот на спиењето, активноста на сите ткива се сведува на минимум, па и лачењето плунка, која има голема улога во природното самочистење на забите.  Под правилно четкање на забите се подразбира четкање од непцето кон забите. На горната вилица е како кога врне дожд, а на долната вилица како кога расте трева. Четкањето треба да трае околу три минути, колку што трае нивната омилена песничка. Треба да се четкаат сите заби, како предните така и задните, без разлика дали се млечни, мешани или трајни, и тоа сите нивни површини, но и меките ткива во устата (непцата, јазикот).

*Кога е вистинското време кога треба детето првпат да посети стоматолог со родителите?

– Вистинско време кога треба детето првпат да посети стоматолог со родителите е кога ќе наполни девет месеци. Тоа е возраст кога треба да се веќе никнати долните и горните секачи (инцизиви), кои се осум на број, по четири во горната и во долната вилица. Ги запознаваме родителите со важноста на забите, но и на меките ткива во устата. Иако детето има само девет месеци, со тоа почнува едно постепено и внимателно негово запознавање со стоматолошката ординација, персоналот, инструментите и треба, психолошки, да му се вгради сигурност и доверба дека не е страшно да се појде на стоматолог, да се изврши преглед или ако има потреба, да се изврши некоја стоматолошка интервенција.

*Колку пати во годината треба родителите да ги носат своите деца на стоматолог?

– Секој родител треба да избере матичен стоматолог што ќе се грижи за здравјето на забите, односно на целата усна празнина. Се препорачува да се прави преглед на забите и на меките ткива во устата на шест месеци, еднаш или два пати во годината. Тоа е така затоа што ако почнала да се прави некоја патологија во устата (да се расипува некое запче или нешто друго), навреме да се открие и навреме да се преземаат мерки, ако може, да се спречи да не се развие таа или некоја друга аномалија, односно ако почнало запчето да се расипува, веднаш да се санира, бидејќи не е исто дали е малку или многу расипано (кариозно).

*Како да се надмине стравот од одењето на стоматолог кај децата?

– Сите имаат страв од одењето на стоматолог, како возрасните така и децата. Но, родителите треба да ја сфатат важноста на здравите заби и мирно, психолошки да постапуваат со своите деца, да ги запознаат со сето ова и да им зборуваат дека не е страшно да се појде на стоматолог. Значи, само со убави зборови. Но, и самиот стоматолошки тим треба да му остави добар впечаток на детето, да го ослободи од стравот и да му влее доверба дека сè ќе помине во најдобар ред за понатаму детето без страв и со задоволство да посака да дојде на стоматолошки преглед.

*Каква е улогата на систематските стоматолошки прегледи за да имаат децата здрави заби?

– Систематските стоматолошки прегледи се многу важни за да имаат децата здрави заби. Имено, навреме се откриваат одредени патолошки појави во устата на детето и може навреме да се преземаат мерки за да се спречат тие. Помалку расипаните заби може полесно и побезболно, но и поквалитетно да се санираат, за разлика од големите кариозни лезии.

На крајот, една порака за родителите во овој месец на оралното здравје на нивните деца.

– Превентивната детска стоматологија е основа за насмевката што трае цел живот. Кога ќе научат да се грижат за своите заби уште од мали нозе, децата развиваат навики со кои ќе ги избегнат проблемите со своите заби во иднина. Затоа, родители, вашата улога во сето ова е најважна од сè. Обезбедете им на своите деца насмеана иднина. Ќе ви бидат благодарни.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ