Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.
„Англо Американ“ е британска мултинационална рударска компанија со седиште во Лондон, Англија. Таа е најголемиот светски производител на платина, што претставува приближно 40 проценти од глобалното производство, како и главен производител на дијаманти, бакар, никел, железна руда, полихалит и јаглен за производство на челик. Компанијата има операции во Африка, Азија, Австралија, Европа, Северна Америка и Јужна Америка.