Претставени новиот кум Кондратенко и здравичарот Дренковски 

39

Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“ и годинава, како и секоја, по 33. пат ја подготвува манифестацијата на денот на овој голем христијански празник, кој е предвесник на Христовото раѓање, Божик.

Тие денеска ѝ ги претставија на јавноста новиот кум бадникар, истакнатиот македонски претприемач и експерт во областа на енергетиката, Зоран Кондратенко, и здравичарот Јаков Дренковски, истакнатиот македонски музичар.

Дренковски се заблагодари што ја има честа да добие една од водечките улоги на традиционалната прослава на Бадник, која ќе се одржи на 6 јануари 2026 година, на платото пред Соборниот храм.    Притоа изрази надеж дека очекувано ќе ја исполни улогата која му ја доделил Одборот и која, како што рече, со големо задоволство ја прифатил.

Новиот кум бадникар, Кондратенко, нагласи дека ја следи оваа манифестација од самите почетоци и оти претставува огромна чест за него и за неговото семејство што му е понудена оваа функција.

– Со големо задоволство ја прифатив оваа улога и се надевам дека ќе ја оправдам – потенцираше Кондратенко и ги повика скопјани в недела, на 21 декември, да се придружат на берењето бадникови гранчиња, со што ќе соопштат дека сè е подготвено за централната прослава на 6 јануари 2026 година, на платото пред храмот „Свети Климент Охридски“, кога прво ќе бидат осветени овие гранчиња, а потоа поделени на верниците.

Берењето, како и секоја година, вообичаено ќе биде во месноста Краста, на јужните падини на Водно.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека Општината секогаш ќе му биде ветар в грб на Одборот за подобрување на условите за негово функционирање, како што било тоа во годините наназад.

Инаку, на главната манифестација, кумот Кондратенко ќе го преземе ќупот од стариот кум, а здравичарот Дренковски ќе ја каже бадниковата здравица.

Лани, кум на бадниковата манифестација беше Радомир Макеларски, стар скопјанец, економист по професија, кој ја завршува кариерата во семејната фирма на својот брат, „Макпримат“, додека  здравичар – Атанас Петров, дипломиран архитект и сопственик на фирмата „Торус инженеринг“.

(А. П.)  Фото: (П.С.)

 

ИЗДВОЕНИ