Претставата „Сина Сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, денеска (23 декември) ќе биде изведена во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 20:00 часот.

Во претставата играат актерите: Кристијан Танчевски, Бобан Алексоски, Мина Јелушиќ-Јериниќ, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ. Оригиналната музика за претставата е на Мајкл Хукер, а новите аранжмани и музиката за „Сина сенка“ се на Лука Тошев, дизајнот на плакатот е на Бојана Цилевска, а продукцијата е на независниот театар „Златен Елец“.

„Сина сенка“ е проект во соработка со американскиот автор Брајан Рејнолдс, кој првпат се поставува во Македонија. Делото продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстојуваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Кој ги создава насилниците и кој има корист од нашиот страв? Претставата отвора прашања за тоа како нè трујат медиумите со лажни вредности, како го користат фармацевтската индустрија и големите бизниси човечкиот страв за поголем профит и како станува поединецот жртва, но и продукт на една болна општествена машина.

– Ова е современа приказна за човекот во системот, истовремено жртва и соучесник, борец и сенка. Може да се доживее и како ехо на култните драми за „малиот човек“, современ „Војцек“ или „Хинкеман“, каде што се губи хуманоста под тежината на стравот, контролата и на манипулацијата. Претставата создава свет во кој се преплетуваат реалноста и илузијата, а секоја сцена пулсира со прашањето: дали навистина живееме или само преживуваме? „Сина сенка“ не завршува со спуштањето на завесата, таa продолжува во секојдневието, во вестите, на улиците, во тишината со која го прифаќаме апсурдот како нормален. Но, вистинската борба не е само против системот и туку против стравот во нас самите. Претставата нè води таму каде што започнува секое насилство, во човечката свест, во нејзината сенка – вели за претставата режисерката Тамара Стојаноска.

ИЗДВОЕНИ