„Син понеделник“ е претстава за чекорот кон зрелоста на три млади девојки и нивното соочување со бруталноста на возрасниот свет. Преку нивното пријателство, приказната ги отвора прашањата за класните, социјалните и за системските препреки, кои ја обликуваат младоста и ги принудуваат на различни стратегии на преживување. Приказна за растењето, загубата на заедничките илузии и за судирот меѓу личните желби и реалноста
Во Македонскиот народен театар започнаа пробите за претставата „Син понеделник“ од Калија Киселичка, а во режија на младиот Борјан Стојков. Претставата е копродукција помеѓу „Перипетија продукција“ и Македонскиот народен театар и во соработка со студиото за актерска игра „Прва проба“.
„Син понеделник“ се реализира како необичен спој помеѓу младите театарски актерки Јана Вељановска, Ана Јовановска, Ирена Димеска и Нела Павловска и младите изведувачи: Ана Бимбилоска, Катја Велјаноска, Мина Гјаку, Саша Димитриевска, Андреа Зорзиќ, Елена Кочарева, Ана Марија Марковска, Сара Марковска, Тео Манев, Павел Николоски, Јана Рилкова и Леа Стојков.
Сценографијата ја потпишува Мартин Манев, композитор е Симон Пеоски, а асистент на режија и сценски движења е Дамјан Цветановски.
„Син понеделник“ е претстава за чекорот кон зрелоста на три млади девојки и нивното соочување со бруталноста на возрасниот свет. Преку нивното пријателство, приказната ги отвора прашањата за класните, социјалните и за системските препреки, кои ја обликуваат младоста и ги принудуваат на различни стратегии на преживување. Приказна за растењето, загубата на заедничките илузии и за судирот меѓу личните желби и реалноста. Ова театарско дело е производ на заеднички труд, директно ги допира темите и прашањата важни за младите и кореспондира со она што сака да го гледа младата публика на театарската сцена.

– Претставата ја следи кревката, но жестока транзиција на три девојки од Скопје, од адолесценцијата во светот на возрасните. Тие се фатени во моментот кога растењето повеќе не е избор, туку нужност. Претставата зборува за локални и современи проблеми, кои, пред сѐ, се проблеми на мојата генерација и со тоа сметам дека стануваат универзални – вели режисерот Стојков.
Проектот е резултат на повеќегодишниот истражувачки процес во рамките на проектот „TRY – Театарот ги обединува младите“, кој се фокусира на прашањето: „Што се парите и какво влијание имаат врз начинот на кој се доживуваме себеси, другите, општеството и планетата во која живееме?“
За две години, во рамките на проектот TRY беа реализирани 10 креативни работилници за млади и два меѓународни креативни кампа, одржани во Скопје и во Белград, преку кои три групи средношколци (од Македонија, Грција и од Србија) имаа можност активно да се запознаат со театарот и да учествуваат во креативни процеси наменети за младата публика, како и да споделат и истражат теми, прашања и проблеми што се важни за нив.
Со оваа претстава се заокружува основната идеја на проектот: создавање театар од млади и за млади, како одговор на недостигот на театарски содржини посветени на младата публика во регионот.
Премиерата е предвидена за март 2026 година.
Програмата „TRY – Театарот ги обединува младите“ е меѓународен проект кофинансиран од програмата „Креативна Европа на Европската Унија“ и Министерството за култура и туризам, во соработка со Македонскиот народен театар и Театарот за деца и младинци – Скопје. Во проектот учествуваат пет меѓународни организации од Србија, Чешка, Грција и од Македонија: „Ехо анимато“, „Перипетија продукција“, „Артканакт“, „Три гроша“ и „Вајсверса“.
Фото: Марко Марјановиќ
Монодрамата „Џеки“ на 13 февруари премиерно во Драмски

Претставата „Џеки“ на 13 февруари, од 20:00 часот, ќе ја има својата премиерна изведба на малата сцена во Драмски театар – Скопје.
„Џеки“ е монодрама произлезена од претставата „Драми на принцезите“ на Елфриде Јелинек, во која Трајанка Илиева-Велиќ ја игра Џеки Оназис – сопругата на 35. претседател на САД, Џон Ф. Кенеди.
– Ракот ја глода, а таа, претворена во статуа, ѝ ја раскажува на публиката својата „вистинска“ приказна: била принудена да стане совршена жен(ск)а, префинета слика, темнина во која не може да проникне ниту светлината на Мерилин Монро, која ја прогонува – се вели во експликацијата за претставата.
Режијата е на Жива Бизовичар, прв драматург е Ник Жнидаршиќ, втор драматург и редакцијата на преводот е на Викторија Рангелова-Петровска, а преводот од германски јазик го направи Катерина Шекутковска.
Сценограф и автор на музиката е Јан Крмељ, а костимограф Александар Ношпал.
Фото: Стефан Стамандов












